Претходна статија
Поништено е одобрението за градење на Шпанските скали
Следна статија
И неизградбата на штипскиот аеродром постана инвестиција за владата

Распишани три тендери за реконструкција на електропреносната мрежа во Македонија

Објавено на 12.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги објави трите тендери за претстојниот капитален ремонт на македонската електропреносна мрежа. Со подигнатиот заем од ЕБОР ќе се рехабилитираат 110-киловолтните далноводи „Битола 1 – Прилеп 1“, „Велес – Овче Поле“, „Скопје 4 – Велес“ и „Штип – Овче Поле“. Станува збор за првиот пакет од далноводите што треба да се рехабилитираат во наредниот период. Заинтересираните компании имаат рок до 16 април за да ги достават своите понуди за учество на меѓународниот тендер. Најповолниот изведувач ќе треба да ги започне градежните работи на почетокот од јули и да ги заврши во рок од 18 месеци.

 

Заедно со оваа тендерска постапка, објавен е и меѓународниот тендер за обнова на неколку трафостаници во земјава. Со финансиски средства од ЕБОР ќе се инсталира и поврзе нова опрема во трафостаниците „Скопје 4“, „Битола 2“, „Валандово“ и „Осломеј“. Изведбата на севкупните активности се очекува да започне на 30 мај, а државата би добила четири обновени трафостаници во период од 30 месеци. Компаниите имаат можност да ги достават своите понуди за учество на меѓународниот тендер најдоцна до 30 март.

 

Со третиот распишан тендер е предвидено да се обезбеди современа релејна заштита за 110 киловолтните постројки во хидроелектраните „Вруток“, „Шпиље“, „Глобочица“ и „Тиквеш“. Претстојниот зафат за инсталација и поврзување на новата опрема е предвидено да започне на 20 јуни и да се комплетира во период од 18 месеци. Заинтересираните субјекти за учество во оваа тендерска постапка имаат рок до 28 март за да ги поднесат своите понуди.

 

ЕБОР уште кон крајот на август 2017 година ја извести пошироката јавност дека наредните неколку години ќе се изврши генерален ремонт на македонската електропреносна мрежа со подигнатиот заем во висина од 40,5 милиони евра.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk