Претходна статија
Нова енергетски ефикасна фасада на станбен објект во населбата „Пролет“
Следна статија
Сопрена изградбата на двата кинески автопати - новата влада пронајде низа пропусти

Распишан архитектонски Конкурс за изгледот на градскиот парк во Кочани

Објавено на 20.06.2017 во категорија Вести.

 

Општина Кочани распиша Конкурс за избор на идејно – архитектонско решение за градскиот парк предвиден на локалитетот Лукобија во центарот на градот. Од архитектите се очекува да предложат сопствени идеи за натамошно унапредување на парковското зеленило и изгледот на паркот лоциран под ридот Лукобија. Општинските власти бараат решение што ќе ги задоволи критериумите за изводливост и одржливост, оригиналност и репрезентативност на концептот, креативност и инвентивност во пристапот на обликување и врска на предложеното решение со опкружувањето.

 

Локалната самоуправа планира да додели прва награда во бруто износ од 62.000 денари, втора награда во висина од 37.000 денари и трета награда од 25.000 денари. Во насока на подготовка на идејно – архитектонските решенија од професионалната фела, општинската власт организира посета на локалитетот на 24 и 25 јули. За пристигнатите трудови ќе одлучува оформена комисија во следниов состав: Зоран Манасиев, Никола Давитков, Јордан Димитров, Марија Салтирова Јовановска и Анна Кралева. Заинтересираните архитекти, студенти по архитектура и бироа имаат рок до 5 септември за доставување на нивните проекти до општина Кочани.