Претходна статија
Утре отворање на архитектонската изложба „Загрозени видови“
Следна статија
Новиот објект на НБРМ готов до 2020 година, ќе куртули од фонтана и обелиск

Приватник би градел мултифункционален објект на местото на амбулантата во Дексион

Објавено на 29.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Нова здравствена амбуланта, детска градинка и простории за локалната самоуправа на Ѓорче Петров би се сместиле во новиот мултифункционален објект што треба да се гради на местото на постојната руинирана амбуланта во населбата Дексион. Општина Ѓорче Петров веќе трага по консултант за изработка на физибилити студија, која што би водела кон воспоставување на јавно – приватно партнерство за реализација на оваа инвестиција. Покрај финансиско – економската анализа за идниот повеќенаменски комплекс за јавни услуги, консултантот ќе треба да го вклучи и предлог – договорот за избор на идниот приватен партнер.

 

 

Очекувањата на општинарите од Ѓорче Петров се дека физибилити студијата ќе биде готова на почетокот од 2019 година, по што би следувало распишувањето на јавниот повик за избор на приватен партнер за изградба на идниот мултифункционален објект. Изборот на консултант што ќе ја оформи целокупната постапка за воспоставување јавно – приватно партнерство следува во потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и општина Ѓорче Петров во август годинава.

 

Доколку се одвива целокупната постапка со предвидената динамика, тогаш почетокот на изградбата на идниот повеќенаменски комплекс во населбата Дексион би се случила во 2019 година. Изработката на физибилити – студијата е проценето дека ќе чини околу 1,2 милиони денари, при што најповолниот понудувач би се знаел веќе кон крајот на годинава. Изградбата на новиот мултифункционален објект ќе значи и рушење на постојните бараки во кои е сместена амбулантата во Дексион, чии простории се наоѓаат во многу лоша состојба.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk