Претходна статија
Нов „Веро маркет“ и продавница „Џамбо“ во Тетово
Следна статија
Фабрика за секундарна селекција на отпад ќе се гради близу Прилеп

Приватен инвеститор пак си ја гради улицата на кејот кај ГТЦ

Објавено на 30.04.2017 во категорија Вести.

 

Во раните утрински часови, десетици работници денеска повторно ја започнаа изградбата на спорната улица на Кејот „13 Ноември“ во центарот на Скопје. Наспроти решението за сопирање на градежните работи од општина Центар, приватниот инвеститор повторно ги отстранува павер елементите од скопското шеталиште. Општина Центар веднаш испрати инспектор и излезе со идентичните констатации од пред еден месец. Од Град Скопје пак тврдат дека тие не се надлежни да интервенираат, иако издале одобрение за градба на инвеститорот.

 

 

„Инспекторот констатираше низа неправилности и недостатоци: неоградено градилиште, отсуство на информативна табла и други нерегуларности. И покрај инсистирањето на инспекторот градежните работи веднаш да запрат, изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење. Изведувачот на работите повторно приложил одобрение за градба издадено од Град Скопје и не сакал да запре со работа и продолжил со градење“ информираат од општина Центар. Општинските власти уверуваат дека улица на кејот нема да има поради тоа што е поништен ДУП-от што предвидувал ваков инфраструктурен објект.

 

Од општина Центар најавуваат дека во најбрз можен рок повторно ќе се издаде решение за запирање на градежните работи, но во тој случај, инвеститорот ќе мора да ги врати извадените павер елементи на шеталиштето во првобитна состојба. Тие бараат од Градот Скопје веднаш да се поништи издаденото одобрение за градење.

 

Градската власт излезе со своја реакција, посочувајќи дека општина Центар треба да реагира ако приватниот инвеститор гради надвор од прописите. „На посочениот простор треба да се изгради пристапна улица од страна на приватен инвеститор кој склучил договор со Градот Скопје, уште во времето кога градоначалник бил Трифун Костовски. Со овој договор е утврдено дека приватниот инвеститор треба да изгради пристапен пат до истиот. Локацијата и формата на овој пристапен пат е предвиден со Детален урбанистички план донесен од општина Центар во 2012 година и со одобрен инфраструктурен проект“ велат од Град Скопје.