Претходна статија
И во Кавадарци ќе се изведуваат енергетско ефикасни фасади на колективните згради
Следна статија
Нови 17,6 милиони денари за адаптација на арената „Филип Втори“за Супер купот на УЕФА

Природниот гас ќе стигне до Тетово и Гостивар за две години

Објавено на 14.03.2017 во категорија Вести.

 

Непречено се одвива изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар во должина од 76 километри. Во изминативе месеци се расчистени шест километри од трасата на гасоводот од Скопје кон Гостивар. Првите цевки веќе се донесени на терен, додека половина од нив се произведени и во скоро време ќе бидат упатени на градилиштето. Во наредниот период ќе продолжи расчистувањето на останатиот дел од трасата, по што ќе следува копањето и поставувањето на цевките под земја. Крајниот рок за изведба на магистралната траса е крајот на 2018 или почетокот на 2019 година.

 

На денешниот увид во извршените градежни работи присуствуваа техничкиот премиер Емил Димитриев, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на „Македонски енергетски ресурси“ Крсте Миладинов. Вредноста на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар изнесува околу 28 милиони евра, додека градежните работи на терен ги изведува конзорциум предводен од фирмата „Рапид Билд“. Заедно со главната траса, предвидено е да се изгради и гасоводен крак кон Тетово во должина од 10 километри. Инфраструктурниот проект се реализира со финансиски средства обезбедени преку кредит од германските Дојче Банка и Ерсте Банка.

 

„Според нашите пресметки, се очекува овој регион да има потрошувачка помеѓу 80 и 90 метри кубни годишно“ изјави директорот на МЕР, Крсте Миладинов. Од СДСМ денеска излегоа со реакција на организираниот настан. Тие посочија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ имала 10 години за да донесе природен гас во полошкиот регион, но тоа не го сторила. Социјалдемократите во објавеното соопштение посочуваат дека Македонија ќе биде гасифицирана во согласност со Програмата на новата реформска влада на граѓаните.