Претходна статија
Становите во Центар и во Аеродром остануваат најскапи во земјава
Следна статија
Инженерите од Балканот дебатираа во Скопје за признавање на нивните овластувања

Презентација на физибилити студија за штетното влијание на ДУП-от за Карпош 4

Објавено на 05.02.2017 во категорија Вести.

 

Граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“, со поддршка на еколошката организација Еко-свест, во вторник од 18 часот ќе ја одржат презентацијата на физибилити студијата за градската четврт 3 02 за скопската населба Карпош 4. Настанот отворен за сите граѓани ќе се одржи во просториите на Кинотека на Македонија во Карпош 3. Документот е изработен во декември 2015 година од стручни независни лица, со поддршка од УСАИД. Во физибилити студијата се нагласуваат сериозни показатели за негативното влијание врз животната средина на предложениот Детален урбанистички план за градската четврт 3 02.

 

Студијата опфаќа географско и геодетско одредување на планскиот опфат, со историјат на планирањето и уредувањето на просторот. Преку теренски истражувања е направена инвентаризација и снимање на градежната и комуналната инфраструктура. Извршена е и анализа за можности на просторниот развој. Документот има за цел да укаже на штетното и беспотребно зголемување на новите градби и јавните паркинзи во новиот ДУП, со што се врши директен напад врз квалитетот на живеење на жителите од населбата Карпош 4.

 

Презентацијата на физибилити студијата пред граѓаните е само дел од активностите што ги презема иницијативата „Ние сме Карпош 4“. Пред само неколку месеци, во соработка со невладината организација „Плоштад Слобода“ беше изработен попис на сите дрвја во населбата Карпош 4. Самите граѓани открија дека на нивна територија има 3.008 дрвја, од кои речиси 500 дрвја ќе се исечат ако се реализираат плановите на општина Карпош за изградба на нови згради и паркиралишта во населбата.