Претходна статија
Навлегува ли политика и во одржувањето на Супер купот на УЕФА во Скопје?
Следна статија
Пивара Скопје и Кока Кола донираа паркиралишта за велосипеди за Скопје

Предизборна експлозија на бројот на градежни дозволи за станбени објекти

Објавено на 11.05.2017 во категорија Вести.

 

Непосредно пред одржувањето на претстојните локални избори е забележан позначаен раст кај бројката на предвидени станови за градење. Државниот завод за статистика пресметал дека во март 2017 година биле издадени одобренија за градење на 929 станови со вкупна корисна површина од 75.886 метри квадратни. Споредено со истиот месец лани, бројката на предвидени станови за градење е зголемена за 76,3%, додека нивната површина пораснала за 78,4%. Идните живеалишта ќе ги градат првенствено деловните субјекти, кои успеале да добијат градежни дозволи за 542 станови.

 

 

Инвеститорите во овој вид недвижности се најмногу заинтересирани за изградба на трисобни – 275 и на двособни станови – 267. Скопскиот регион со издадени одобренија за градење на 469 станови останува најпримамлив за вложување во вакви објекти. На ниво на општини, најмногу станови во март започнале да се градат во општина Гостивар – 191, а по неа следуваат општина Струга со 173 и скопската општина Карпош со 142 предвидени станови за градење.

 

Зголемена активност во обезбедувањето на градежни дозволи е забележана кај сите субјекти од градежниот сектор. Во март 2017 година биле издадени 384 одобренија за градење, што е за 95,9% повеќе во однос на идентичниот период лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 6.995.016.000 денари, што е за 139,1% повеќе во однос на март 2016 година. Од вкупниот број на одобренија за градење, 232 (60,4%) се наменети за објекти од високоградба, 63 (16,4%) за објекти од нискоградба и 89 (23,2%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 384 објекти, на 245 (63,8%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 139 (36,2%) објекти инвеститори се деловни субјекти.