Претходна статија
Нов тендер за реконструкција на дел од просториите на Музејот на Македонија
Следна статија
Архитектката Билјана Филиповска добитничка на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2017 година

Потрошени 22.000 евра за уметнички слики од „тежок“ реализам за „барокната“ зграда на Водовод

Објавено на 31.10.2017 во категорија Вести.

 

На две недели пред одржувањето на годинешниве локални избори, раководството на ЈП „Водовод и канализација“ на 2 октомври набавило уметнички слики за новата „барокна“ зграда на претпријатието во центарот на Скопје. За „тешките“ стилови на романтизмот и реализмот, како што е наведено на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, лесно е издвоена сумата од 1.357.000 денари. Станува збор за постапка со преговарање без претходно објавување на оглас, „кога од економски или уметнички причини, односно од причини врзани за заштитата на ексклузивните права, договорот може да го изврши само одреден економски оператор“.

 

 

Јавното претпријатие ја извршило набавката на уметничките слики за целосно уредување на новите административни простории под Скопското кале. Темите на уметничките слики требало да бидат инспирирани од македонскиот фолклор, македонскиот живот и македонската историја, додека сликарската техника требало да биде масло на платно. „Во писмениот допис за дополнувањето на потребата од дополнување на ентериерното уредување проектантот Архитектоника наведува дека согласно нивното искуство во класичната архитектура, сметаат дека авторот на уметничките слики треба да е академски сликар со долгогодишно искуство, со богата референтна слика која би можела да одговори на тешките стилови на романтизам и реализам“ се наведува во објавените податоци. За автор на уметничките слики е избран Драги Хаџи-Николов.

 

Уметничките слики се последната набавка направена за новата управната зграда на ЈП „Водовод и канализација“. Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ на БИРН, во „барокното“ здание се инвестирани 21.398.288 евра. Колку за потсетување, македонскиот главен град е покриен со атмосферска канализација од само 20 отсто, а цели населби во општините Сарај, Ѓорче Петров и Гази Баба немаат канализациона мрежа. Официјалните податоци од Скопскиот плански регион говорат дека покриеноста на градот со фекална канализација во урбаните средини се движи до 85%, но руралните средини од Скопскиот регион имаат покриеност од 0% до 80%.