Претходна статија
Краков во 2019 година ќе биде домаќин на изложбата „Скопје - град на солидарноста“
Следна статија
Нов објект за единствената детска градинка во Дебар

Потпишан анекс на договорот за автопатот Миладиновци – Штип

Објавено на 03.10.2017 во категорија Вести.

 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, в.д. директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и претставникот на Синохидро во Македонија Фан Јанг денеска го потпишаа анексот на договорот за довршување на автопатот Миладиновци – Штип. Овој чекор следува откако македонското собрание ги усвои неопходните измени и дополнувања на законот за изградба на двата кинески автопати. Кинескиот изведувач „Синохидро“ со договорот се обврзува да ја изгради автопатската делница Миладиновци – Штип најдоцна до 30 септември 2018 година.

 

 

„Со овој чекор владата ја покажува својата посветеност за завршување на овој инфраструктурен проект, кој ќе биде од корист за граѓаните и економијата на Република Македонија“ истакнаа вицепремиерот Анѓушев и министерот Сугарески на чинот на потпишување на договорот. Неопходноста за продолжување на рокот на изведба на автопатот произлезе од потребата да се изменат и корегираат одредени пропусти при изградбата на делницата долга 47 километри.

 

Кинескиот изведувач до денес успеал да заврши околу 75% од севкупните работи за изградба на овој автопат. Камен – темелникот за овој проект беше поставен во февруари 2014 година. Идната автопатска делница треба да има седум клучки, пет подпатници, армирано бетонски мост и пет вијадукти.