Претходна статија
Поставен еколошки билборд „City tree“ во центарот на Скопје
Следна статија
Општина Гази Баба со делумно финансирање на реконструкција на покриви, фасади и лифтови

Поништени четири урбанистички планови за центарот на Скопје

Објавено на 22.03.2017 во категорија Вести.

 

Многу објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе станат дивоградби по денешната одлука на Советот на општина Центар да ги поништи одлуките за донесување на четири урбанистички планови во централното градско подрачје. Станува збор за ДУП-от за Мал Ринг во кој се изведени најголем дел од објектите од „Скопје 2014“, но и урбанистичките планови Голем Ринг-Јужен дел-Запад, Централно зеленило покрај река Вардар-јужен дел и Голем Ринг-Јужен дел-Исток. Овие детални урбанистички планови биле донесени од претходното раководство на општина Центар во 2012 година.

 

 

Денешната седница на советот се одржува по прекинувањето на седницата од 7.6.2013 година, кога поголема топла демонстранти пробаа насилно да влезат и физички да се пресметаат со градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски. Градоначалникот Жерновски нагласи дека советот го завршува својот мандат таму каде и што ја почна својата работа. „Граѓаните тогаш беа измамени дека мотивите за протестот и вандализмот врз општината се за заштита на црквата на улица Македонија. Таа црква и ден денеска, по 4 години, седи неизградена. Повеќе од јасно е дека нападот немал врска со црквата“ изјави градоначалникот Жерновски.

 

Поништувањето на четирите урбанистички планови беше поддржано од советниците на СДСМ, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ се спротистави на одлуката. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквата одлука е незаконска и штетна, но и дека ДУП-овите во оваа фаза не можат да се поништуваат. Од администрацијата на општина Центар посочија дека во било која фаза може да се изгласа поништување на урбанистички план, особено ако станува збор за земјиште во сопственост на државата и објекти од јавен карактер. Донесената одлука на советниците значи дека се враќаат на сила урбанистичките планови усвоени пред 2012 година. Маркичките за изградба на објекти вцртани пред пет години се бришат од ДУП-овите, со што одобренијата за изградба на сите овие згради се неважечки.

 

Меѓу објектите кои стануваат спорни, а во моментов се наоѓаат во фаза на изградба, се Панорамското тркало, надградбата на објектот на Министерството за транспорт и врски, надземната улица на Кејот „13 Ноември“, деловниот објект на плоштадот „Македонија“ на просторот помеѓу „Сити Галери“ и „Пелистер“. Многу постари згради од строгиот центар на Скопје со урбанистичкиот план од 2012 година добија можност за надградба, која се искористи и за изведба на дел од „барокните“ фасади. Сите овие објекти ќе ги изгубат издадените одобренија за градење, ако се земе во предвид дека не се вметнати во актуелниот урбанистички план.

 

Од СДСМ денеска излегоа со став дека со денешната промена на урбанистичките планови се стопирани сите криминални проекти кои Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги започнаа. Инспекциите на општина Центар имаат рок од седум дена за да испратат до градоначалникот Жерновски информации за тоа кои одобренија за градење треба да се поништат од страна на локалните власти. Од СДСМ посочуваат дека донесената одлука е во интерес на граѓаните, а како најсоодветен пример го наведоа спречувањето на изградбата на катната гаража спроти Музејот на град Скопје.