Претходна статија
Министерството за образование и наука ќе реконструира 13 училишта
Следна статија
Виена домаќин на архитектонска изложба за повоено Скопје

Поништен тендерот за изработка на проекти за санација на чаршиите низ градовите

Објавено на 12.10.2017 во категорија Вести.

 

Министерството за економија го поништило огласот за избор на понудувач што требаше да изработи проектни решенија за конзервација, санација и адаптација на излозите и натписите на дуќаните од Старата Скопска чаршија и на другите чаршии низ земјава (Битолската, Струшката и Охридската). Според образложението објавено на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, причина за поништувањето на огласот се поднесените понуди кои не можат да се споредат поради различниот пристап во техничките или финансиските понуди. По ваквиот епилог, од надлежното министерство ќе треба повторно да се обидат со реализација на проектот преку распишување на нов оглас во претстојниот период.

 

*Секој објект од Струшката чаршија е приказна сама за себе

 

Проектните решенија за македонските чаршии се неопходни пред било каков санационен зафат на дуќаните. Идејата е да се изработат проекти за излозите, натписите, натстрешниците, ќепенците и евентуалното зеленило за дуќаните лоцирани во овие четири чаршии. Конструкцијата на самите излози треба да биде од масивно дрво, додека натписите на дуќаните треба да бидат сразмерни на површината на објектите. Неуспешниот тендер беше распишан кон крајот на август годинава.

 

Проектот за санација, конзервација и адаптација на чаршиите треба да го врати изворниот лик на старите градски јадра во Скопје, Битола, Охрид и Струга. Дел од чаршиите, особено Струшката и Охридската, денеска се наоѓаат во катастрофална состојба. Голем дел од дуќаните се надградени или несоодветно санирани, со светлечки реклами на излозите, затемнети стакла, евтини пластични или алуминиумски прозорци и големи натписи на излозите налик на трговските центри. Ова особено се однесува за чаршијата во Струга, која во изминативе години е доведена на ниво на непрепознатливост.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk