Претходна статија
Градежниците против укинувањето на ДУП-овите во Скопје
Следна статија
Општина Кавадарци ќе изработи проект за нов градски пазар

Почнува изработката на проектите за новите скопски булевари „Хрватска“ и „Љубљанска“

Објавено на 19.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градот Скопје ќе издвои над 5.000.000 денари за подготовка на проектната документација за изградба на два нови булевари во главниот град – булеварите „Хрватска“ и „Љубљанска“. Предвидено е во наредните 3 месеци да се изработи сообраќајниот проект за продолжување на постојната улица „Љубљанска“, на потегот од раскрсницата со булеварот „Илинден“ во Карпош 3 кон населбата Злокуќани. Оваа сообраќајница во иднина би се надградила во булевар, при што на трасата е предвидено да се изгради и нов мост над реката Вардар. За таа цел, во следните 9 месеци ќе се изработи инфраструктурен проект со основен градежен проект за нејзиното продолжување. Проектната документација ќе ја изработат „ГЕИНГ“ и „ИН-ПУМА“ од Скопје.

 

*Довршувањето на булеварската мрежа околу центарот ќе овозможи растерување на сообраќајот во Скопје

 

Идентична проектна документација ќе се изготви во претстојните 9 месеци и за планираниот булевар „Хрватска“, којшто би се градел на потегот од булеварот „Босна и Херцеговина“ во Чаир до булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда. „Прима Инженеринг“ и „ИН-ПУМА“ од Скопје ќе ги изработат сообраќајниот проект, инфраструктурниот проект и основниот градежен проект.

 

Овие две нови скопски сообраќајници би имале огромно значење за натамошно растеретување на сообраќајот во централното градско подрачје, со особен акцент на постојните критични точки – Бит пазар и Пластичарската улица. Имено, изградбата на булеварите „Хрватска“ и „Љубљанска“ би овозможила брз транзит меѓу општините Карпош и Гази Баба, без притоа да се влегува во централното градско подрачје. Нивното меѓусебно поврзување би овозможило формирање на своевидна обиколница во рамките на самиот град.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk