Претходна статија
Со претстојниот кредит од ЕБОР можат да се купат и до 50 автобуси за ЈСП - Скопје
Следна статија
Уставниот суд поништи два урбанистички планa во општина Карпош

Почнува изработката на проект за изградба на тунел под скопското Кале

Објавено на 12.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По 15 години пауза, Градот Скопје ја оживува идејата за изработка на проект за продолжување на булеварот Св. Климент Охридски од владината зграда до раскрсницата со булеварите Никола Карев и Македонско – Косовска бригада. Овој капитален проект за главниот град би значел изградба на нов мост на реката Вардар и тунел од околу 180 метри под Музејот на современа уметност, со што трајно би се надминал проблемот за експресно поврзување на општините Чаир и Бутел со центарот на Скопје.

 

Градските власти денеска ја објавија поканата за учество во спроведувањето на технички дијалог, со која сите заинтересирани проектантски бироа ќе можат да ги испратат своите предлози и коментари до Град Скопје. Стручните коментари и предлози што се прифатливи ќе бидат вклучени во претстојната тендерска документација за изработка на проектната документација за оваа клучна сообраќајна врска во Скопје. Како што се наведува во објавениот повик на Електронскиот систем за јавни набавки, стручната фела треба да ги достави своите предлози најдоцна до 19 јули.

 

*Идниот тунел би минувал под Музејот на современа уметност

 

Градот Скопје во наредниот период ќе го објави тендерот за избор на проектант за изработка на инфраструктурен проект за измена и дополна на проектот за инфраструктура со сите фази за трасата на булевар Св. Климент Охридски, на потегот од раскрсницата со булевар Илинден до раскрсницата со булеварите Никола Карев и Македонско – Косовска бригада, вклучувајќи ја и изградбата на денивелиран кружен тек во Чаир. Проектирањето би се одвивало во три фази, при што засебна етапа би била изградбата на самиот тунел.

 

Продолжувањето на булеварот Св. Климент Охридски кон општина Чаир е еден од круцијалните зафати што не се реализирани во постземјотресниот период. Идната траса би овозможила најбрзо поврзување на левата страна од реката Вардар со центарот на Скопје, избегнувајќи ја улицата Цветан Димов и Бит – пазар како тесни сообраќајни грла. Сообраќајницата би имала барем четири коловозни ленти, со чија изведба би се решил еден од најзначајните предизвикувачи на сообраќајниот метеж во главниот град.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk