Претходна статија
Изложбата „Скопје - градот на солидарноста“ во јули ќе се отвори во Краков
Следна статија
Спомен - обележје на Горан Стефановски ќе биде подигнато спроти кафеаната „Идадија“

Отпочнува проектирањето на булеварот „Словенија“ во правец кон Ѓорче Петров

Објавено на 01.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градот Скопје годинава ќе работи на изготвување на идејниот проект за идниот булевар „Словенија“, на потегот од раскрсницата со булевар „Никола Карев“ кај Момин Поток до улицата „Македонска војска“ во населбата Ѓорче Петров. Денеска беше распишан тендерот за избор на проектант што ќе ја реализира првичната фаза од изработката на неопходната документација за сообраќајницата што требало да биде изградена веднаш по скопскиот земјотрес од 1963 година. Изработката на идејниот проект за булеварот „Словенија“ ќе чини околу 4,8 милиони денари, со вклучен ДДВ.

 

*Булеварот „Словенија“ би се продолжил преку Зајчев рид во правец кон Ѓорче Петров

 

Градската администрација предвидува трасата на идната скопска транзитна сообраќајница да минува преку Зајчев рид, по што би следувало вкрстување со улицата „Љубљанска“ во Злокуќани, а идниот булевар „Словенија“ преку мост на реката Лепенец би продолжил во правец на општина Ѓорче Петров. Овој идеен проект ќе претставува основа за понатамошната изработка на основниот и на инфраструктурниот проект за планираниот булевар. Покрај тоа што ќе овозможи транзит на возила низ северните делови на Скопје, булеварот „Словенија“ во иднина конечно би обезбедил булеварски профил на сообраќајница за жителите од населбите Злокуќани и Бардовци.

 

Градот Скопје до 21 февруари ќе ги очекува пријавите за учество на тендерската постапка од заинтересираните компании. Рокот за изготвување на идејниот проект за булеварот „Словенија“ е 120 работни дена, при што неговата подготовка би започнала по склучувањето на договорот со најповолниот проектант.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk