Претходна статија
„Македонски шуми“ и „Холтс консалтинг“ ќе градат фабрика за пелети и брикети во земјава
Следна статија
Пристигнаа шесте кинески возови за Македонски железници

Остри критики за предложениот ДУП за скопската населба Карпош 4

Објавено на 08.02.2017 во категорија Вести.

 

Постојниот урбанистички план за скопската населба Карпош 4 е изработен по скопскиот земјотрес и е во согласност со сите меѓународни стандарди за урбанизам. Како во ретко која друга скопска населба, жителите од Карпош 4 живеат во згради чии прозорци не гледаат во соседната зграда, обезбедувајќи им ја потребната интимност на станарите. Во населбата Карпош 4 има доволен број на паркинг места и нема потреба од изградба на нови гаражни објекти. Сите овие заклучоци беа изнесени на вчерашната презентација на физибилити студијата за градската четврт 3 02, која беше изготвен од граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“.

 

 

„Наша обврска е да внимаваме на иднината на нашите деца“ истакна експертот по енергетска ефикасност Петар Николовски пред присутните граѓани во Кинотека на Македонија. Тој посочи дека е жител на населбата Карпош 4 уште од 1972 година, но дека пред една и пол година ги разбрал предностите на урбаното живеење во оваа скопска населба. „Се вклучив во граѓанската иницијатива од страв да не станеме Дебар Маало или Центар“ посочи Николовски. Тој одржа говор за факторот зеленило во физибилити студијата за планираниот ДУП за населбата Карпош 4, кој би можел да донесе штетни последици врз животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.

 

 

Професорот Петар Николовски посочи дека со предложениот урбанистички план се планираат непромислени надградби и доградби на станбени објекти изградени по системот на префабрикувани монтажни панели по земјотресот. Ваквиот потег на општина Карпош го опиша како бесмислица, барајќи да се заборави на надградбата на овие згради. Тој ги критикуваше предложените нови објекти во урбанистичкиот план, посочувајќи дека населбата Карпош 4 се протега на 47 хектари, од кои 60% од вкупната површина е зеленило.

 

 

Јана Спасовска, авторка на физибилити студијата, посочи дека жителите од населбата Карпош 4 имаат недостиг од 263 паркинг места, но дека проблемот може да се реши со искористување на постојните парцели, а не со уништување на зеленилото. „Ние се навраќаме на сечење на веќе постоечки дрвја“ изјави Спасовска. Таа посочи дека нема никаква потреба од донесување на предложениот урбанистички план, со кој се вцртуваат нови објекти на слободните површини во населбата.

 

На презентацијата на физибилити студијата беше присутен вработен од општина Карпош, кој не одговори на сите прашања кои беа поставени од присутните граѓани. Жителите од населбата развија дебата, а најгласни беа оние граѓани кои живеат во згради, пред кои е предвидено да се градат нови објекти. Физибилити студијата е изработена од независни стручни лица во декември 2015 година, со поддршка од УСАИД. Со документот се укажува на негативното влијание што ќе го претрпи животната средина со евентуалното изгласување на урбанистичкиот план за населбата. Од иницијативата „Ние сме Карпош 4“ велат дека ќе преземат нови чекори во случај да продолжи постапката за донесување на ДУП-от.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk