Претходна статија
„Скопје Ист Гејт“ претставен пред македонските политичари
Следна статија
Општина Ѓорче Петров ја испитува можноста за модернизација на јавното осветлување

Општина Чаир бара идејно решение за изградба на нова градинка

Објавено на 04.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Во скопската населба Чаир ќе се гради нова детска градинка со површина од над 2.400 метри квадратни. Општина Чаир денеска го распиша архитектонскиот Конкурс за избор на идејно решение за идното здание што ќе биде лоцирано на улицата „Кемал Сејфула“. Објектот би се состоел од шест простории за смештај на деца над 6 години, четири занимални за деца на возраст од 4 до 6 години, три занимални за деца на возраст од 2 до 4 години и две простории за јасли. Идната детска градинка во Чаир би имала три креативни работилници за деца, отворени занимални, кујна и останати содржини. Паркирањето треба да биде решено со подземен паркинг.

 

 

„Идејното решение треба да се осмисли со автентичност на дизајнот, да биде одраз на урбаниот карактер на градот, но истовремено и да биде одраз на современите светски технолошко – технички достигнувања од областа, а се однесува на применетите материјали и технологии на градба“ се нагласува во архитектонскиот Конкурс. Изработените проекти треба да се достават до Општина Чаир најдоцна до 12 јули. За избор на најсоодветните архитектонски трудови е формирано жири во состав: Ејуп Адеми, Арта Сали, Васил Велков, Јетон Невзати и Недим Рама.

 

Жирито ќе додели три архитектонски награди, за кои е обезбеден фонд од 264.000 денари. Првонаградениот автор ќе се стекне со 180.000 денари, втората награда е во вредност од 60.000 денари, додека третата награда е во висина од 24.000 денари. Конкурсот за избор на идејно решение за новата детска градинка во Чаир е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk