Претходна статија
Стопирано е градењето во Скупи
Следна статија
Се уредува коритото на Липковска Река во Куманово

Општина Битола ќе даде дел од парите за реконструкција на Офицерски дом

Објавено на 17.07.2017 во категорија Вести.

 

Советот на општина Битола на последната седница донесе одлука за финансирање на проектот за реконструкција на Офицерскиот дом во центарот на градот. Општинарите од својата каса ќе издвојат 16,6 милиони денари, што претставува 22,96% од вкупниот фонд за обновата. Останатите средства ќе треба да ги обезбеди централната власт преку државниот буџет. Проектот за реставрација и адаптација на Офицерскиот дом веќе се работи, така што во следната фаза е неопходно да се распише тендер за избор на изведувач на работите.

 

*Извор на фотографија: Википедија (автор: Maksimilijanbt123)

 

Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати во текот на изминатава деценија ветуваше санација на Офицерскиот дом, но ништо од ветеното не се реализира. Последната најава на претходната влада беше дека ќе се обезбедат околу 2.000.000 евра за санација на објектот. Овој потег дојде по владината одлука за продажба на Офицерскиот дом, која беше стопирана по жестоките критики на битолската јавност.

 

Офицерскиот дом во Битола е изграден во 1911 година од тогашниот управник на битолскиот вилает Абдул Керим Паша. Објектот е заштитен како споменик на културата од прва категорија, што ја обврзува државата да се грижи во континуитет за неговата заштита. Ова значајно здание во моментов се наоѓа во катастрофална состојба и е вон употреба.