Претходна статија
Скопски „Бетон“ лани со 3% намалена добивка
Следна статија
„Макпетрол“ отвори бензинска станица кај аеродромот „Александар Велики“

Опозицијата и невладиниот сектор бараат сопирање на изградбата на хотелот во Лагадин

Објавено на 15.03.2017 во категорија Вести.

 

По одлуката на Државниот градежен инспекторат за поништување на градежната дозвола за идниот хотел во охридски Лагадин, невладиниот сектор и опозициската партија СДСМ бараат општина Охрид да ја спроведе одлуката донесена од државната институција. „Непостапување по решение издадено од инспекциска служба повлекува плаќање глоба и поведување прекршочна постапка по службена должност“ велат од невладината „Ohrid SOS“. Тие го цитираат и Кривичниот законик на земјава, во кој се нагласува дека службеното лице кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно од важечкиот урбанистички план може да се соочи со казна затвор од три до осум години.

 

 

Од СДСМ Охрид денеска побараа локалната самоуправа веднаш да престане со уништувањето и загрозувањето на природното наследство. „Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам достави барање до градоначалникот на Охрид за поништување на одобрението за градба на спорниот хотел. А потоа се огласи и Државниот инспекторат за животна средина, којшто тврди дека општината незаконски ја усвоила урбанистичката документација за Лагадин, без да го утврди еколошкото влијание. На спорната локација во Лагадин веќе два месеци се работи интензивно, а несовесната локална власт одбива да постапи по барањето на надлежните државни органи. Затоа вчера советничката група на СДСМ побара итно стопирање на незаконските градежни активности во Лагадин“ посочуваат од СДСМ.

 

Од општина Охрид деновиве излегоа со информација дека документацијата за новиот хотел во Лагадин е во склад со сите закони. За општиот акт за село Лагадин е добиена согласност од сите министерства и државни институции, за постапката е известена Националната комисија на УНЕСКО, а добиено е мислење без забелешки и од Националниот парк „Галичица“ и од Јавното претпријатие за државни патишта. Во однос на вонредниот инспекциски надзор, локалните власти велат дека општината одговорила на сите забелешки од инспекторите. Општина Охрид им укажала на инспекторите дека издаденото одобрение за градење на хотелот е во согласност со донесениот општ акт за селото Лагадин.