Претходна статија
За заштита на воздухот лани вложени половина од цената на „Панорамското тркало“
Следна статија
Автопатот Кичево - Охрид ќе чини дополнителни 120 милиони евра

Охрид SOS ќе учествува на 41. Седница на УНЕСКО во Краков

Објавено на 30.06.2017 во категорија Вести.

 

Граѓанската иницијатива Охрид SOS е единствениот претставник од македонскиот граѓански сектор што ќе учествува на 41. Седница на УНЕСКО, која што годинава ќе се одржи во Краков во периодот од 2 до 12 јули. Охрид SOS е поканета во својство на набљудувач. На овогодинешната сесија ќе учествуваат околу 1.000 делегати од 190 земји, кои ќе дискутираат за некои од најзначајните заштитени подрачја на листата на УНЕСКО. Организацијата за образование, наука и култура на ООН веќе го објави својот извештај за Охрид, во кој се предупредува на опасноста градот да биде впишан на листата на загрозени светски заштитени подрачја ако не се следат нивните препораки.

 

 

На 41. Седница на УНЕСКО ќе се разгледува состојбата со заштитата на охридскиот регион. Од Охрид SOS информираат дека нивната претставничка м-р Емилија Апостолова Чаловска ќе учествува на Меѓународниот форум за светско наследство во организација на World Heritage Watch. Таа ќе го презентира трудот со наслов „Охридско Езеро: Светско културно и природно наследство под закана“. „Со овој труд Охрид SOS ќе ја запознае светската јавност со опасноста во која се наоѓа охридскиот регион, недоволната заштита и идните развојни проекти кои сериозно го нарушуваат и загрозуваат како природното, така и културното наследство на овој локалитет“ посочува м-р Апостолова Чаловска.