Претходна статија
Втора фаза од реконструкцијата на улицата „Народни херои“ во Кисела Вода
Следна статија
Во Тетово се модернизира уличното осветлување

Охрид ќе остане на листата на Светското културно наследство со негова континуирана заштита

Објавено на 27.09.2017 во категорија Вести.

 

Историскиот центар на Виена годинава беше вметнат на листата на УНЕСКО на загрозено културно наследство поради изградбата на нов објект со проблематична висина во ова подрачје. Рецептот за да не му се случи ова и на Охрид е почитување на трите основни столба на кои се потпира ненадмината универзална вредност на едно место, истакна полскиот универзитетски професор Јацек Пурхла на вечерашното предавање што се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје. Притоа, главниот проблем со загрозеното културно наследство е недостатокот на заштита и ефикасно управување со она што претставува добро заштитено од УНЕСКО.

 

Професорот Јацек Пурхла на вечерашното предавање говореше за искуството на Полска во заштитата и развојот на културното наследство. Полска во моментов има 15 локации вметнати на Листата на светско наследство на УНЕСКО. Краков е впишан на оваа листа уште во 1978 година, а денес градот го посетуваат повеќе од 12 милиони туристи годишно. Тој е единствениот полски град што останал неоштетен на крајот од Втората светска војна, но и град што во ерата на комунизмот имал проблеми со негрижа во однос на заштитата на старото градско јадро. „Краков во 70-тите години на минатиот век беше запуштен град со загаден воздух“ изјави професорот Пурхла.

 

*Главниот плоштад во Краков

 

По четири децении од ваквата состојба, Краков денес е глобализиран град што се обидува да прави компромис помеѓу автентичноста и растечката комерцијализација. Професорот Јацек Пурхла нагласи дека се јавуваат четири предизвици пред заштитата на културното наследство во вакви средини, меѓу кои е брзината на промени во градското јадро поттикнати од моќта од капиталот. Во вакви случаи, посочи тој, неопходно е да постои ефикасна контрола на она што е културно добро од страна на одговорните власти.

 

Познатиот полски стручњак во текот на целокупното предавање се обиде да објасни дека промената на колективното сеќавање за градското јадро е непрекинат процес. Не обидувајќи се да го потенцира Скопје како соодветен пример, професорот Пурхла се задржа на полското искуство со градот Вроцлав. И по неколку децении од неговото припојување кон Полска, овој град за многу негови жители во ерата на комунизмот претставувал „наследство на непријателот“. По демократските промени во 1989 година, германското наследство во Вроцлав било повторно прифатено и откриено од страна на самите жители. „Бескорисно би било да си ја уништиме предвоената историја“ нагласи професорот Пурхла.

 

*Палатата на науката и културата во Варшава

 

Уште еден пример на кој се задржа тој е Палатата на науката и спортот во Варшава. Овој објект проектиран од советскиот архитект Лав Рудњев денеска е впишан во регистарот на културно наследство. Постарите генерации најмногу се спротивставиле на оваа одлука, гледајќи на објектот како симбол на советската доминација врз Полска. Сепак, професорот Пурхла посочи дека голем дел од помладата генерација на ова здание гледа како на неизоставен симбол на градот. Тој дополни дека сталинистичката архитектура во Полска е составен дел од дисонантното наследство, коешто до денешен ден има капацитет за да создава конфликт.

 

Професорот Јацек Пурхла беше овогодишен претседавач на 41. Седница на УНЕСКО што се одржа во полскиот град Краков. Тој бил избран во 2016 година за претседател на Комитетот за светско културно наследство при УНЕСКО. Автор е на повеќе од 400 академски трудови, меѓу кои и неколку книги. Член е на Полската академија на науките и уметностите, а во 2015 година бил избран за претседател на Полската национална комисија при УНЕСКО.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk