Претходна статија
Гостивар и Струмица ќе добијат мониторинг станици за квалитетот на воздухот
Следна статија
Ќе се изработуваат проекти за изградба и реконструкција на градинки

Објектот на Министерството за транспорт и врски се подготвува за пуштање во употреба

Објавено на 29.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Доградениот и барокизиран објект на Министерството за транспорт и врски деновиве се подготвува за пуштање во употреба. Оградата од градилиштето е тргната, а фасадата со десетте скулптури на неа е одамна завршена по вкусот на претходниот владин естаблишмент. Објектот ги проби сите планирани рокови во изминативе три години во однос на ставањето во функција на административните простории, вклучувајќи го и последниот рок од јуни годинава. Од сегашното раководство на Министерството за транспорт и врски не се расположени да дадат поконкретни информации во врска со овој проект.

 

 

Иако ги поставивме нашите прашања уште во текот на минатата недела, „Билд“ не доби одговор од надлежното министерство за тоа кои градежно-занаетчиски работи ќе треба допрва да се довршат во внатрешноста на објектот. Воедно, останува непознат одговорот на прашањето за вселувањето на администрацијата во новите простории. Она што може да се забележи е дека не работи мониторот поставен на самата фасада на оваа зграда, од кој во минатото ечеја патриотски песни и пропагадни владини спотови.

 

Она што е познато за новата „барокна“ фасада од проектот „Скопје 2014“ е нејзината цена – за градежните работи досега се издвоија над 5,5 милиони евра. На објектот се работи повеќе од шест години, а со изведениот зафат се издигнаа два дополнителни ката и се изведе нов влез во зградата. Доградениот објект се простира на површина од 4.580 метри квадратни, иако за оваа потрошена сума од државниот буџет ќе можеше да се изгради целосно нов објект на друга локација.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk