Претходна статија
На четири локации во скопски Аеродром ќе се уредуваат нови паркови
Следна статија
2018 година бериќетна за македонскиот пазар на недвижности

Објавен тендер за изработка на проектот за сообраќајницата под Скопското Кале

Објавено на 05.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градот Скопје ја започна реализацијата на проектот „Тунелите под Кале“, кој ја вклучува изградбата на новата сообраќајница што би ги поврзала општините Центар и Чаир преку продолжување на булеварот „Св. Климент Охридски“, со мост и вијадукт над реката Вардар и тунел под Скопското Кале, кон булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица). Денеска е распишан тендерот за изработка на основниот проект и на измените и дополнувањата на проектот за инфраструктура на идната скопска сообраќајница.

 

*Извор на фотографија: Град Скопје

 

Покрај наведените задолженија, избраниот проектант ќе треба да ги спроведе геомеханичките истражувања, но и да го изготви идејниот проект за идниот мост и вијадукт над реката Вардар што ќе биде лоциран кај седиштето на македонската влада. Проектната документација ќе се оформи врз основа на проектот за инфраструктура што е веќе изработен од „Чакар Партнерс“. Сепак, проектантот најпрво ќе треба да ги изготви измените и дополнувањата на инфраструктурниот проект, земајќи го предвид фактот дека постојат проблеми со имотно – правните односи во делот на изведбата на идниот кружен тек, но и поради потребата да се направи анализа на потребата за проектирање на велосипедска патека.

 

Проектот за изградба на новата сообраќајница меѓу Центар и Чаир под Музејот на современа уметност би се изведувала во три фази. Првата фаза би ја опфатила изградбата на булеварот „Св. Климент Охридски“ со нов мост над реката Вардар до идниот тунел. Изведбата на самиот тунел би претставувала посебна етапа, додека во последната фаза би се градел потегот од тунелот до раскрсницата со Пластичарската улица. Идната сообраќајница би има вкупно 4 коловозни ленти за движење во двата правци.

 

Градските власти очекуваат дека измените и дополнувањата на инфраструктурниот проект и изработката на основниот проект може да се завршат во текот на 2019 година. Идниот проектант ќе има рок од 180 работни дена за да ја подготви проектната документација, почнувајќи од денот на воведување во работа од страна на Град Скопје. Вредноста на проектантските услуги е проценета на околу 30 милиони денари, вклучувајќи го и ДДВ-то. Доставувањето на понудите за учество во тендерската постапка ќе трае до 20 декември, за кога е закажано и јавното отворање на пристигнатите понуди.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk