Претходна статија
Турски „Лимак“ пушти глас, но не одговори во целост за комплексот кај Старата железничка станица
Следна статија
Ниту на вториот тендер нема интерес за изградба на голф терени во Зелениково

Новиот Луна парк во Скопје ќе го гради Жикол

Објавено на 10.08.2016 во категорија Вести.

Градот Скопје пред една недела го склучи договорот за изградба на новиот Луна парк во Скопје. Проектот со површина од околу 40.000 метри квадратни ќе го гради фирмата „Жикол“ од Струмица во наредните 22 месеци. На тендерот биле доставени седум понуди, но струмичката компанија имала најповолна понуда за изведба на градежниот дел од Луна паркот. Местото за рекреација на најмладите скопјани ќе го чини буџетот на Град Скопје 101.417.362 денари, односно над 1,6 милиони евра. Дополнителни финансиски средства ќе бидат издвоени за купување на два адреналински, шест семејни и 18 детски реквизити.

 

 

 

Паралелно со реализацијата на градежниот дел, градските власти денеска распишаа нов тендер за набавка, транспорт и монтажа на реквизити во идниот забавен парк. Според информациите од веб-страницата на Бирото за јавни набавки, планирано е да се набават седум реквизити со проценета вредност од 109.217.850 денари (околу 1,7 милиони евра), без вклучен ДДВ. Крајниот рок за доставување на понуди од заинтересираните компании е 19 септември. По набавката на овие реквизити, Градот Скопје етапно планира да ги купи и останатите содржини од новиот Луна парк.

 

Вкупната вредност на замислениот забавен парк во Градскиот парк изнесува 6,5 милиони евра. Портите од овој проект за најмладите жители на Скопје ќе бидат отворени во 2018 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk