Претходна статија
Се решава проблемот со атмосферска канализација во населбата Керамидница
Следна статија
ПОЦ со неколку барања до новиот министер за транспорт и врски

Новиот Клинички центар да се гради на нова локација во Скопје

Објавено на 03.07.2017 во категорија Вести.

 

Наместо ветувањето на изградба на нов Клинички центар во Скопје, претходната влада потпишала договор за изградба на објект за интерните клиники. Министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за „Телевизија 24 посочува дека со проектот на претходната власт во стари објекти ќе останат хирургија, онкологија, гинекологија, кардиологија и кардиохирургија, инфективна клиника и педијатрија. Ваквото решение за новиот министер е парцијално и тој смета дека постојниот проект не е долгорочно решение за главниот град. Наместо да се импровизира, министерот Таравари предлага изградба на целосно нов објект надвор од централното градско подрачје.

 

Македонската влада веќе го задолжи новиот министер на здравство да ја подготви документацијата за ревизија на неодамна склучената зделка во вредност од 80 милиони евра. Изградбата на овој објект доцни веќе неколку години, а претходната влада го потпиша договорот со италијанско-македонскиот конзорциум на изведувачи само неколку дена пред промената на власта. Во меѓувреме, исчезнаа и ветувањата на претходната власт за изградба на две катни гаражи, со што би се решил проблемот со паркирање во рамките на постојниот Клинички центар во Скопје.

 

 

Идејата за изградба на нов Клинички центар вон централното градско подрачје на Скопје е стара неколку децении. Најспоменувана е идејата за искористување на државно земјиште во близина на селото Бардовци, кое е во близина на железничката пруга и скопската обиколница. На тој начин, итната медицинска помош многу побрзо би ги транспортирала пациентите, додека граѓаните би ја користеле идната градска железница и автобуските линии за превоз до скопските населби. Ваквата идеја беше отфрлена од поранешниот премиер Никола Груевски, кој во 2012 година тогаш изјави дека за реализација на ваков проект би биле потребни најмалку 10 години.

 

» Форумска дискусија за Клиничкиот центар во Скопје