Претходна статија
Природниот гас ќе стигне до Тетово и Гостивар за две години
Следна статија
Започна изградбата на новиот комерцијално-деловен објект на Мак АутоСтар

Нови 17,6 милиони денари за адаптација на арената „Филип Втори“за Супер купот на УЕФА

Објавено на 14.03.2017 во категорија Вести.

 

Фирмата „ВИА“ од Вевчани ќе испорача дополнителни градежни, градежно-занаетчиски и инсталатерски работи за обезбедување услови за одржување на УЕФА Супер Купот на фудбалската арена „Филип Втори“ во Скопје. Акционерското друштво за станбен и деловен простор (АДСДП) за оваа намена одвоило нови 17,6 милиони денари, со што вкупната вредност на целокупниот проект се искачи на 147 милиони денари. Адаптацијата на стадионот во Градски парк се реализира во согласност со извршениот инспекциски надзор од УЕФА. Севкупните активности за адаптација на спортското здание започна уште во текот на минатата година.

 

 

Со зафатот се корегираат недостатоците утврдени во микс ложата, ВИП ложата, новинарската ложа, како и влезовите на источната и на западната трибина. За обезбедување на услови за одржување на претстојниот фудбалски натпревар се изготви проектна документација од страна на „Балкан Консалтинг“. Покрај предвидените 147 милиони денари за самиот стадион, дополнителни финансиски средства се издвоија и за изградба TV Compound, во кој телевизиските возила ќе се сместат во посебна зона на површина од 3.000 метри квадратни. Овој градежен зафат треба да го реализира фирмата „Жикол“ од Струмица.

 

Европскиот Супер Куп во фудбал ќе се одржи во текот на август годинава. На фудбалскиот стадион „Филип Втори“ во Скопје е предвидено да се сретнат овогодинешниот победник на Лигата на шампиони и првенецот од Лигата на Европа.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk