Претходна статија
Автопатот кон Штип ќе почне да се гради на почетокот од 2013 година, Коридорот 8 ќе почека
Следна статија
Со 1,4 милиони евра ќе се рехабилитира патот кон Бошков мост

Нова шанса за проектот Сончев град

Објавено на 24.11.2012 во категорија Вести.

Општина Сопиште објави оглас за продажба на неизградено градежно земјиште со површина од 83,56 хектари, на кое треба да никне елитната населба Сончев град. Во согласност со Урбанистичкиот план за селото Сопиште (разработка на блок 1 КО Сопиште), преку 60% од предвидените градби во комплексот треба да бидат наменети за домување, при што домувањето во индивидуални куќи учествува со 51%, уделот на станбените згради ќе треба да изнесува минимум 9%, додека групното домување е вкалкулирано со максимални 5%. Во идната населба ќе има три типа на живеалишта: луксузни куќи и вили со посебен режим на користење и заштита со минимална површина од 500 метри квадратни на секоја од парцелите за градба, индивидуално домување во различни видови на куќи – самостојни, двокуќи, куќи во низови и атриумски куќи, како и самостојни станбени згради и станбено – деловни зданија во блоковски низи.

 

Во комплексот е предвидено да се изградат комерцијални и деловни објекти кои би ги задоволувале потребите на тамошното население, исто како и јавните институции кои се предвидени да учествуваат со максимум 15%. Во урбанистичкиот план за идната населба е зацртано да се реализираат уредени зелени појаси, објекти за спорт и рекреација и меморијални простори на минимум 20% од целокупната понудена површина. Вкупната почетна цена на земјиштето изнесува над 1,6 милиони евра или 120 денари за метар квадратен. Локалната самоуправа предвидува ригорозни критериуми за сите заинтересирани инвеститори. Секој субјект заедно со пријавата за учество на електронската лицитација треба да достави банкарска гаранција за сериозност на понудата во износ од 500.000 евра, со која треба да докаже дека ќе ја уплати крајната сума за земјиштето. По извршената уплата на средствата за земјиштето, најповолниот понудувач ќе треба да достави банкарска гаранција за изградба на целиот комплекс во висина од 500.000 евра.

 

Општина Сопиште му овозможува на идниот инвеститор да ја изгради елитната населба во неколку фази, така што тој во почетната етапа е должен да реализира најмалку 10% од целокупната површина наменета за градење, со обврска објектите да претставуваат логична и оправдана архитектонска целина и остварувањето на првиот сегмент да не ја попречува натамошната изведба на останатите градби од комплексот. Купувачот на земјиштето се обврзува да обезбеди одобрение за градење во рок од 12 месеци од извршената солемнизација на договорот, додека првата етапа од луксузната населба треба да ја заврши во рок од шест години од денот на добивањето на градежната дозвола. Пријавите за учество на јавното наддавање треба да се достават најдоцна до 24 декември, а исходот на новата шанса за проектот Сончев град ќе се знае на 27 декември. Најавите за остварување на новата населба на јужните падини на Водно се стари повеќе од шест години, израелската компанија ИБЦ (IBC – Industrial Building Corporation) во 2007 година го купи земјиштето со тогашна површина од 64 хектари, но во текот на 2011 година инвеститорот се повлече од изградбата на ветеното.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект