Претходна статија
Поднесени 290 барања за субвенции за купување на печки за греење на пелети
Следна статија
Со пари од ЕУ санирано свлечиштето на патот Штип - Пробиштип

Напредува изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола

Објавено на 17.03.2017 во категорија Вести.

 

Со кредитното задолжување од германските Дојче Банка и Ерсте Банка, во земјава интензивно тече изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Битола во должина од 92 километри. Увид во градежните работи денеска извршија министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски. Работите се одвиваат во согласност со предвидената динамика, така што кон крајот на годинава се очекува Кавадарци да биде приклучен на магистралниот гасовод. Од „Македонски енергетски ресурси“ велат дека големите индустриски објекти – ФЕНИ Индустри и ИГМ веќе пројавиле интерес за да се приклучат кон магистралниот гасовод Неготино – Битола.

 

 

Прогнозите се дека Прилеп ќе биде приклучен на магистралниот гасовод во септември или октомври 2018 година, додека природниот гас во Битола ќе пристигне до средината на 2019 година. Во проектот ќе бидат инвестирани околу 37 милиони евра, а градежните работи на терен ги изведува конзорциум на компании предводен од „Рапид Билд“. Паралелно со овој проект, во моментов тече изградбата на гасоводната линија од Штип до Неготино. Од владата информираа дека досега се завршени околу 60% од севкупните работи, така што се очекува природниот гас да протече до Неготино најдоцна до крајот на 2017 година.

 

На денешниот настан организиран од техничката влада реагираа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Од СДСМ велат дека власта на ВМРО-ДПМНЕ имала 11 години за да ја гасифицираат Македонија, но ништо конкретно не направиле за тоа прашање. Тие посочуваат дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ треба да овозможат мирен трансфер на власта. „Граѓаните и домаќинствата ќе добијат лесен и брз пристап до природен гас и тоа ќе го овозможи новата реформска влада според мнозинската волја на граѓаните, онака како што е предвидено во програмата на новата влада“ посочуваат од СДСМ.