Претходна статија
ФЕЉТОН: Полската помош во првите денови по катастрофалниот земјотрес во Скопје (2)
Следна статија
Доцни проектот за набавка на нова опрема за Македонската навигација

Наградата „ТИГРИТЕ“ доделена на архитектот Павел Велјаноски

Објавено на 02.10.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Амбасадорот на Република Полска во Македонија Јацек Мултановски денеска ја додели наградата „ТИГРИТЕ“ на архитектот Павел Велјаноски, чиј магистерски труд на Архитектонскиот факултет при УКИМ беше селектиран за најдобар во тековната 2017 година. Наградата годинава се доделува за прв пат, но идејата е таа да поприми традиционален карактер и да се доделува секоја година. Овогодишниот добитник на наградата ќе се стекне со едногодишна претплата на полското списание „Архитектура Муратор“, при што подетални информации за магистерскиот труд и нејзиниот автор ќе бидат објавени во ова полско списание.

„Проектот се залага да додаде еден вид на превентивен карактер. Превенцијата и соочувањето со климатските промени е главен приоритет во овој период. Не се обидува да се спротивстави на овие нестабилни промени, туку ги прифаќа како одредени ресурси. Најголемото задоволство за мене е што трудот не заврши како еден конкретен проект, туку тој продолжува да се развива“ изјави архитектот Павел Велјаноски. Тој ни посочи дека самиот труд претставува просторна анализа и интервенција во Пелагониската котлина. Трудот има за цел да ги менаџира непредвидените природни појави.

„Наградата е вредна во однос на тоа што ќе создаде континуитет и ќе создаде позитивна компетитивност во наредните години, бидејќи ќе стане едно препознатливо случување. Тоа кај идните студенти ќе донесе поголема желба за позитивни и поодговорни резултати во нивните магистерски трудови“ истакна архитект Павел Велјаноски. Наградата „ТИГРИТЕ“ се доделува од полското списание „Архитектура Муратор“ и е плод на неколкугодишната соработка помеѓу Амбасадата на Република Полска во Република Македонија и Архитектонскиот факултет при УКИМ.

 

Наградата „ТИГРИТЕ“ е иницирана од сопругата на полскиот амбасадор во Македонија, г-ѓа Кинга Нетман Мултановска, која по професија е лингвист. Самата идеја за доделување на наградата е продолжение на досегашните активности од областа на архитектурата, организирани од Амбасадата на Република Полска. „Скопје е таков град во кој не можете да бидете неутрален. Или го сакате или не го сакате. А ако го сакате, сакате да знаете зошто е тоа така. Многу проекти направивме со архитектите и имавме гости од Полска“ вели Кинга Нетман Мултановска. Наградата е воспоставена за да се одбележи придонесот за Скопје на тројцата автори (Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки) на проектот за Музејот на современа уметност, коишто работеле заедно под прекарот „Варшавските тигри“.

 

„Мислам дека „Тигрите“ се толку важни што треба да бидат одбележани. За да бидат идентификувани и да бидат запаметени од целата приказна за реконструкцијата на градот, јас помислив дека најдобро ќе биде ако направиме една ваква награда. „Архитектура Муратор“ нема ваква награда за другите држави и нема ваква награда за другите универзитети. Ова е уникатно само за Скопје, бидејќи ја има целата приказна за полската мисла тука“ посочува Кинга Нетман Мултановска.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk