Претходна статија
Изградбата на Конгресен центар во Охрид ќе чека подобри времиња
Следна статија
Општина Аеродром предизборно ќе изведува енергетско ефикасни фасади

Министерството за култура работи на анализата за проектот „Скопје 2014“

Објавено на 18.09.2017 во категорија Вести.

 

Работна група во Министерството за култура ја подготвува анализата за проектот „Скопје 2014“. Министерот за култура Роберт Алаѓозовски во денешниот отчет за првите 100 дена од работењето на ова министерство напомена дека наскоро ќе следуваат првите предлози од спроведената анализа. „Приоритет треба да им се даде на оние објекти коишто се најспорни“ изјави министерот Алаѓозовски. Првиот човек на ова министерство даде оценка дека проектот „Скопје 2014“ е вирус кој треба да биде ставен во карантин.

 

 

Сепак, и во првите 100 дена од работењето на новата влада не се знае прецизната сума на чинење на идеолошкиот проект што го промени изгледот на центарот на Скопје. Министерот Алаѓозовски не излезе со информации за тоа колку точно пари досега се потрошени од државниот буџет и од општинските буџети за овој проект, односно дали владата може да ја потврди сумата од 683 милиони евра што се појавува како податок во базата „Скопје 2014 под лупа“. Воедно, до денешен ден нема информации ниту за проектираната вкупна вредност на чинење на објектите што и во моментов се градат, како што се двата објекта околу Македонска опера и балет и споменикот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“.

 

Покрај ангажманот во ревизија на проектот „Скопје 2014“, од Министерството за култура велат дека приоритет во првите 100 дена од работењето била заштитата на запоставеното културно наследство. Направени се итни интервенции во Чифте Амамот, Даут Пашиниот Амам и Музејот на Македонија во насока на санирање на штетите и зачувување на вредните експонати во овие објекти. Започнат е процес за заштита на струмичката фреска „Св. 15 Тивериополски маченици“, а во моментов се спроведуваат и проекти за зачувување и реставрација на знаменитата црква во Курбиново и манастирот Трескавец.

 

 

» Форумска дискусија за „Скопје 2014“

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk