Претходна статија
Во Ресен ќе се произведува органско ѓубриво - компост
Следна статија
Загадувањето од термоелектраните не чини 8,5 милиони евра годишно

Луксузна населба ќе го голтне Студенчишко блато во Охрид

Објавено на 27.09.2014 во категорија Вести.

Малку по малку, се откриваат информации околу намерите на централната власт и на општина Охрид во однос на иднината на Студенчишко блато. Покрај најавената изградба на марина, неколку национални телевизии денеска лиферуваа информации дека на потегот од каналот Студенчишта до некогашниот хотел „Парк“ ќе се гради нова луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани, кои меѓусебно ќе бидат поврзани со систем од канали и езерца. Засега не се објавени визуелизации за тоа како ќе изгледа овој простор во иднина, но затоа пак се знае дека веќе е завршен Конкурсот за избор на архитектонско – урбанистички проект за оваа локација. Од локалната самоуправа дури и најавуваат дека веќе се изработени две идејни решенија.

 

Студенчишко Блато (извор: Студија за состојбата на остатокот од блатото

 

 

Замислената луксузна населба ќе биде во рамките на планираната туристичка развојна зона во Охрид, која е предвидено да се простора на површина од 30 хектари. Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески во изјава за дел од националните телевизии денеска напомена дека Студенчишко блато претставува „пуст простор на кој во изминативе години се депонирал градежен шут“. Тој додава дека целокупниот проект би се реализирал по пат на јавно – приватно партнерство, со што инвестициите во „бетонизирањето“ на овој споменик на природата би ги направил приватен партнер.

 

Наспроти ваквите ставови на централната власт и на општина Охрид, претходното раководство на оваа локална самоуправа имало сосема различни погледи во однос на развојот на Студенчишко блато. Имено, во јануари 2012 година е објавена „Интегрираната студија за состојбата на остатокот од Студенчишкото блато и преземање мерки за негова ревитализација“, изработена од Друштвото за еколошки консалтинг „ДЕКОНС – ЕМА“, заедно со универзитетски професори од Институтот за биологија во Скопје, Хидробиолошкиот завод од Охрид, еколози и самостојни експерти. За да биде иронијата поголема, овој документ и понатаму е достапен на веб – страницата на општина Охрид.

 

Студенчишко Блато (извор: Студија за состојбата на остатокот од блатото)Студенчишко Блато (извор: Студија за состојбата на остатокот од блатото)

 

 

Изготвениот документ назначува дека уништувањето на Студенчишкото блато претставува опасност и за Охридското езеро, кое пак веќе неколку децении е ставено под заштита на УНЕСКО. „Идниот развој на Студенчишко блато треба да биде планиран, а просторот уреден, користен и управуван во согласност со неговите вредности и значење“, се наведува во визијата за идното управување на ова заштитено подрачје. Не само што не дозволуваат изградба на нови објекти на овој простор, експертите во студијата наведуваат дека изградбата на патот кон крајбрежната полициска станица, објектот на АРМ и новите паркинзи за околните плажи уништиле дел од овој споменик на природата.

 

Наместо да се градат луксузни населби и марини, во студијата точно се прецизира кои потези треба да ги преземат државните власти и општина Охрид за заштита на Студенчишкото блато, првенствено зоната за строга заштита што се простира на 15,65 хектари. Најпрво, се предлага воспоставување на регуларна комуникација меѓу блатото и езерото, односно одржување на минималната кота на подземните води на блатото. Воедно, треба да се отстрани асфалтниот пат кон полициската станица, да се исчисти целокупниот отпад и да се премести постоечкиот расадник. Студијата предвидува и реставрација на блатните заедници, ревитализација на брегот и на трската покрај езерото, како и цела серија на други мерки што благопријатно ќе влијаат на биодиверзитетот на Студенчишко блато.

 

Пред неколку дена, охридскиот градоначалник Никола Бакрачески обелодени дека ќе се гради марина и нова плажа во должина од 700 метри, на потегот од каналот Студенчишта до хотелот „Парк“.

 

 

Бојан Блажевски