Претходна статија
Ќе се уредува ентериерот на киното „Манаки“ во Битола
Следна статија
Цената на становите во Македонија во 2016 година опаднала за 6,5%

Крупни инфраструктурни проекти во предложената Програма за работа на СДСМ

Објавено на 10.03.2017 во категорија Вести.

 

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска ја презентираше Предлог Програмата за работа на македонската влада во периодот 2017-2020 година. Во делот на градежништвото, архитектурата и урбаниот развој, идната влада на социјалдемократите предвидува значајни промени во досегашниот курс на работење на извршната власт. Владата на СДСМ веднаш ќе ја сопре реализацијата на актуелните зафати од проектот „Скопје 2014“, по што темелно ќе се преиспитаат неговите политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти. Идната власт планира да ги вклучи сите надлежни институции при справувањето со последиците од „Скопје 2014“.

 


* Приградска железница во Скопје, еден од покрупните проекти во владината програма

 

„Откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот сторен со и низ оваа гигантска дивоградба, ќе покренеме мерки за ревитализација на централното градско подрачје и Старата скопска чаршија“ се наведува во предложената владина програма. Идната извршна власт би ги пренасочила средствата предвидени за „Скопје 2014“ кон крупни инфраструктурни проекти значајни за целата земја. „Владата ќе формира компанија со доминантна државна сопственост (51%) преку која ќе се реализираат инвестициите во инфраструктурни проекти и во обновливи извори на енергија. Почетната големина на компанијата ќе биде 300 милиони евра“ посочуваат од СДСМ.

 

Идната влада на СДСМ во наредните 10 години би инвестирала три милијарди евра во патната инфраструктура. За разлика од драстично различните позиции во однос на „Скопје 2014“, новата влада на СДСМ би задржала голем дел од предвидените проекти од досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Извршната власт ќе поддржи неколку проекти кои досега беа предвидени да се градат со општински пари или преку јавно-приватно партнерство. Владата на СДСМ би ја финансирала изградбата на автопатот Скопје-Блаце кон Косово, но и новата сообраќајница за поврзување на општините Аеродром и Кисела Вода кај фабриката „Раде Кончар“.

 

Во предложената владина програма е впишан уште капитален проект, кој во изминативе години не бил предложен од партијата ВМРО-ДПМНЕ. За поддршка на железницата, владата на СДСМ би го развила приградскиот патнички сообраќај со четири краци што би се протегале околу Скопје. Станува збор за постојната железничка пруга Скопје-Зелениково (крак 1), Миладиновци-Скопје (Крак 2), Скопје-Ѓорче Петров-Волково-Блаце и изградбата на нова пруга од Миладиновци до аеродромот „Александар Велики“. Приградската железница би овозможила побрз проток на патници од постојниот автобуски превоз. Во делот на воздухопловниот превоз, идната влада на СДСМ планира да го промовира охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во леталиште наменето за нискобуџетните авиокомпании.

 

Во делот на енергетиката, социјалдемократите планираат да инвестираат во неколку крупни енергетски проекти. Термоелектраната „Неготино“ повторно би се реактивирала од извршната власт, но овој пат како енергетско-земјоделски комбинат што ќе биде ставен во функција на обезбедување енергија за земјоделците. Планирано е приклучување на нашата земја кон гасоводот ТАП, но и конечна изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. За искористување на сончевата енергија, државата во иднина би инвестирала во изградба на фотонапонска електрана со моќност од 10 мегавати. Идната влада на СДСМ во своето работење планира да обезбеди бројни субвенции и стимулации за користење на обновливата енергија, но е предвидено и основање на посебен фонд за финансирање на енергетски ефикасни проекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk