Претходна статија
„Жикол“ ќе ја гради фекалната канализација во Отља
Следна статија
Потпишан анекс на договорот за автопатот Миладиновци - Штип

Краков во 2019 година ќе биде домаќин на изложбата „Скопје – град на солидарноста“

Објавено на 03.10.2017 во категорија Вести.

 

Постземјотресната обнова на Скопје како редок чин на меѓународната солидарност ќе биде тема на претстојната изложба „Скопје – град на солидарноста“ што ќе се одржи во Меѓународниот културен центар во Краков во текот на 2019 година. Настанот ќе се обиде да ја раскаже приказната за обновата на Скопје со меѓународна помош по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година. Претстојната изложба ќе стави особен акцент на уметноста, архитектурата и урбанистичкото планирање во постземјотресната обнова на Скопје.

 

 

 

Според информациите објавени од Амбасадата на Република Полска во Скопје, изложбата ќе ги вклучи донираните дела на полските уметници што се составен дел од колекцијата на Музејот на современа уметност во Скопје. Настанот ќе се обиде да ја прикаже и улогата на полските урбанисти и архитекти во постземјотресната обнова на градот. Одржувањето на оваа изложба ќе биде значајна за продлабочување на македонско – полските односи, но и за промовирање на заедничкото наследство на двете земји.

 

Меѓународниот културен центар во Краков е престижна полска институција основана од Тадеуш Мазовјецки, првиот премиер на Полска по падот на комунизмот во 1989 година. Културната институција е основана на 29 мај 1991 година во самиот центар на Краков, каде што се наоѓа и до денешен ден. Изложбата „Скопје – град на солидарноста“ ќе биде извонредна можност за промовирање на постземјотресната обнова на Скопје во туристичкиот центар на Полска, којшто годишно го посетуваат над 12 милиони туристи.