Претходна статија
Цената на становите во Скопје продолжила да опаѓа на крајот на 2016 година
Следна статија
„Лимак“ со подготвителни работи за изградба на надземниот комплекс и Јужниот булевар

Топ три совети за реновирање на вашиот дом

Објавено на 07.03.2017 во категорија Вести.

 

 

Пролетта е идеален период од годината за реновирање на вашиот дом, или некое каттче од него. Месеците кога природата се буди се најинспиративни за промени кон нешто ново, но исто така отпочнувањето на градежната сезона, заедно со атрактивните попусти на градежниците, ги прават пролетните месеци совршени за инвестирање во реконструктивен зафат. Се работи за моменти кога не сме преокупирани со годишните одмори, а пролетта носи и умерени температури, идеални за работа.

 

 

1. Уредување на дворот

 

Апсолутен хит во изминативе години во развиените земји е создавањето урбани бавчи во дворовите. Раззеленетата градина со цветен расад и дрвја се смета дека е недоволно функционална за активирање на човековото тело. Решението е во пермакултурата, која во Македонија е сè уште во својот субкултурен зародиш. Треба да се спомене дека засадувањето на изобилство органски растенија во дворот е еден од најдобрите лекови за надминување на стресот, на депресијата, но и за исполнување на слободното време. Билките и зеленчуците во дворот се идеално место за учење низ игра на децата, но и реална можност да се храните со здрави производи кои се под ваша целосна контрола од нивното засадување до принесувањето на трпезата.

 

 

Поделете го вашиот двор на неколку мали парцели. Направете мрежа од патеки до нив. Една главна патека која ќе води до влезот на домот, надополнете ја со по неколку бехатон плочки до најоддалечените делови од дворот. Изведбата на патеките можете да ја направите и сами ако се работи за помала површина. Откога ќе направите логично поврзана мрежа на движење низ дворот, засадете различни зеленчуци, јаготки, нане и босилек на формираните парцели. Од двете страни на уредената пешачка патека, поставете неколку бетонски столбови за идниот насад од киви или од грозје. Замислете само како би изгледал вашиот двор со висечка градина под која се наоѓа дебела сенка во текот на летните месеци!

 

Претворањето на вашиот двор во урбана бавча е само една од можностите. Покрај градинарството, внесете и некој вид на спорт во дворот. Дури и кај најмалите дворни површини постои можност за поставување на пинг-понг маса за секојдневно дружење во рамки на семејството. Ако имате поголем двор, идеална можност е да ја искористите вештачката трева за изведба на игралиште по ваш избор. Вашите пријатели ќе сакаат почесто да го минуваат времето со вас преку спортот, наместо со традиционалното пиење на кафе.

 

 

За да постигнете интимна атмосфера, би било одлично во пролетната реконструкција да ја вклучите и изведбата на нова ограда во дворот. Најново решение за оградување на вашиот мултифункционален двор се 3Д панелните огради. Како алтернативно решение, кованите огради ја нудат идентичната можност за комуникација на вашиот двор со надворешниот свет. Ако сакате да бидете целосно одвоени од соседите или улицата, на пазарот постојат многубројни понуди за изведба на камена ограда. Без разлика на тоа за кој вид на ограда ќе се одлучите, не заборавајте дека вашиот избор треба да одговара на планираната функционалност на дворот.

 

На самиот крај, изведбата на базен е уште една можност којашто може да го разубави дворот. Покрај на вашето семејство и пријатели, базенот ќе им се допадне и на проценителите на имот. Бројни истражувања на пазарот на недвижности покажуваат дека грижливо уреден двор е влезната врата кон постигнувањето задоволство и вдахнувањето желба на идниот купувач за вашиот дом. Во делот на базенот, ваквото задоволство на купувачот може значително да ја зголеми финансиската вредност на куќата при купопродажба. Се разбира, добро осмислен базен пред сè значи инвестиција во задоволство и убави моменти за вас и вашите блиски.

 

 

 

2. Реновирање на бањата

 

Реновирањето на бањата на многумина им претставува ноќна мора. Тоа не е случајно, ако се земе во предвид фактот дека овој реконструктивен зафат во домот обично трае околу 15 дена и во нашата земја чини над 1.000 евра. Санацијата на бањата е еден од најсложените зафати. Поради тоа, реновирањето на оваа просторија од домот е пожелно да се заврши во текот на пролетта, на самиот почеток од градежната сезона. Искуствата покажуваат дека сите поедноставни зафати во домот може да следуваат откако сме ја завршиле реконструкцијата на бањата. Сложената постапка за реновирање вклучува неколку фази.

 

 

По демонтажата на целокупната санитарија и на старите плочки, неопходно е да најдете добри мајстори за замена на електричната, на водоводната и на топловодната инсталација. Ова е најсложен дел од зафатот, кој може да трае повеќе од пет дена. Клучно е да обезбедите квалитетна работна рака за менување на водоводната инсталација. Ако не сте задоволни со перформансите на дотогашното греење, треба да инвестирате во поставување на ново радијаторско греење, за кој е неопходно да ја промените постојната инсталација. Откако ќе се заврши овој сложен зафат, следува изведбата на хидроизолација, која може да се заврши во рок од еден ден.

 

Важна фаза во санацијата на бањата е изборот на нејзините главни елементи. Основна дилема при секоја реконструкција е двоумењето помеѓу изборот на када или туш кабина. Изведбата на када се чини дека е посложен зафат, но затоа пак нејзиното одржување е поедноставно. Од друга страна, туш кабината се чини дека е полесна за монтирање, но тука треба да се внимава на појавата на влага. Од овие причини, неопходно е да изберете првокласен параван, но и квалитетни градежни материјали од типот на санитарен силикон и посебни лепливи траки. Реализацијата на оваа фаза ќе ви одземе од два до три дена од целокупниот период наменет за реновирање на бањата. Крајната цена на зафатот можеби најмногу ќе влијание од изборот на материјалите што ќе ги вградите во оваа фаза.

 

 

Поставувањето на керамиката како следен чекор ќе потрае околу четири дена. Тука е значајно да се споменат два суштински детала. Како прво, пред реализација на зафатот треба да се одлучите дали сте заинтересирани за плочки од прва или од втора класа. Заедно со нив, внимателно треба да се избере и соодветен лепак за керамичките плочки. Не смее да се заборави дека најдобар начин за санација на бањата е целосно вадење на претходниот материјал. Или да поедноставиме, заедно со демонтажата на дотраената санитарија би било пожелно да ги отстраните и дотогашните плочки.

 

Во финалната фаза од реновирањето на бањата ќе треба да се погрижите за монтажа на санитариите. Доколку сте одлучиле и за поставување на ново радијаторско греење, вистинскиот момент за монтирање на радијаторот е пред било какво вградување на идните санитарии. Последната фаза од изведбата на новата бања ќе трае еден ден, но тука треба да се биде и највнимателен. Висококвалитетната санитарија треба да ја монтираат искусни мајстори кои нема да ги оштетат вашите плочки. Бидете внимателни и со дупчењето при изведба на ормар во бањата. Со употреба на врвен електричен алат ќе ја избегнете можноста од пукање на керамичките плочки.

 

3. Секогаш пробај „направи сам“

 

Не заборавајте дека голем дел од пролетните зафати за реновирање на вашата куќа или стан можете да ги изведете сами. Искористувањето на слободното време за работни активности низ домот е особено добредојдено напролет. Токму во овие месеци од годината сакаме да направиме нешто ново, нешто што ќе го оплемени нашиот дом и ќе ни овозможи да се чувствуваме среќни. Поседувањето на домашна опрема при ваквите интервенции е задолжителна работа. Дури и да сакате само да го промените распоредот на слики во вашиот дом, неопходен ви е алат.

 

 

Заедно со ситните адаптации во домот, можете со вашиот мајстор да пробате да ја одиграте улогата на градител. При изведба на настрешница, монтирање на ормар, рушење на ѕид или изведба на било кој друг зафат, важно е да се поседувате обувки за заштита при работа и секогаш задолжителниот апарат за заварување. Искористете ги вашите лични вештини. Незаобиколното градителско дружење со најблиските може на наједноставен начин да води кон зацврстување на вашата лична самодоверба и кон зголемување на финансиската вредност на вашиот дом.