Претходна статија
Распишан тендерот за изградба на соларната електрана во РЕК „Осломеј“
Следна статија
ЕУ ќе финансира изработка на План за одржлив урбан транспорт на Скопје

Конкурс за избор на идејно решение за спомен обележјето на Тоше Проески во Крушево

Објавено на 26.03.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Крушево денеска го објави Конкурсот за избор на идејно решение за изградба на спомен обележје на Тоше Проески, кое е предвидено да се подигне на неговото гробно место на градските гробишта во Крушево. „Целта на задачата е да се добие идејно архитектонско дело „Спомен обележје на Тодор Проески“ што најдобро ќе одговори на спецификата, намената и карактерот на објектот со партерно уредено решение, а усогласено со условите карактеристични за локацијата и поширокото опкружување“, се наведува во распишаниот конкурс.

 

*Идното спомен обележје ќе се наоѓа во близина на Спомен куќата на Тоше Проески

 

Од архитектите се бара да применат иновативност и оригиналност, изводливост и читливост на понудените конкурсни трудови, во кои воедно треба да биде нагласен видот и квалитетот на понудените материјали од кои би се изградило спомен обележјето. Во согласност со важечкиот закон, спомен обележјето на Тоше Проески во Крушево може да биде биста, скулптура, плоча, чешма, фонтана или друга архитектонска и уметничка творба што ќе ја прикажат важноста на оваа прерано почината музичка ѕвезда од нашата земја.

 

Општинските власти планираат да доделат три архитектонски награди на најквалитетните конкурсни трудови што ќе бидат доставени од архитектите. Првата награда е во висина од 40.000 денари, втората од 30.000, третата од 20.000, додека за останатите учесници на конкурсот ќе се изврши рамноправна распределба на останатите средства во износ од 10.000 денари. За оценување на пристигнатите трудови ќе одлучува Одбор за подигнување на спомен обележјето, во кој ќе членуваат следниве 8 членови: Драгана Филипоска Куртеска, Тома Петроски, Марко Хаџи – Ѓаку, Никола Проески, Киро Сотироски, Фаница Гогол, Емил Солески и Аница Стојаноска.

 

Архитектонските трудови за идното спомен обележје на Тоше Проески во Крушево треба да се достават најдоцна до 30 април. Актуелната влада пред една година донесе одлука за доделување средства за изградба на ова споменично здание, со која беше нагласено дека изведбата на спомен обележјето на Тоше Проески ќе се финансира од државниот буџет.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk