Претходна статија
Зголемен бројот на предвидени станови за градење во декември 2015
Следна статија
„Геинг“ ќе го проектира патот Крива Паланка - Деве Баир

Конкурс за идејно решение за нов објект на охридскиот театар

Објавено на 10.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Постоечката зграда на Домот на културата „Григор Прличев“ во Охрид ќе се надградува и доградува. Ова здание сместено во центарот на Охрид ќе добие поголема површина, при што во објектот ќе бидат алоцирани простории за театарот, домот на културата, нова кино сала, изложбени салони и други пропратни содржини. Министерството за култура распиша Конкурс за изработка на идејно архитектонско и урбанистичко решение за реконструкција со надградба и доградба на објектот што го користи Домот на културата „Григор Прличев“. Помеѓу останатите критериуми, од архитектите и од бироата се бара да применат функционална организација на просторот според програмските барања, но и да го испочитуваат квалитетот на релациите со непосредното опкружување на градот.

 

На објавениот Конкурс е предвидено да се додели прва награда за најквалитетниот архитектонски труд во износ од 300.000 денари, втора награда во висина од 180.000 денари и трета награда во вредност од 120.000 денари. Сите идејни решенија треба да се достават до Министерството за култура најдоцна до 11 април. Во рамките на својата посета на Охрид во текот на минатиот месец, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска се осврна на претстојниот зафат за доградба на самиот објект. „Апелирам до сите архитекти да се пријават и во нивните идејни решенија да обрнат внимание на постоечката архитектура, за да се запази автентичноста на амбиентот во овој простор“, истакна министерката Канческа – Милевска.

 

По подолг временски период, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска вети дека по завршувањето на Конкурсот ќе се организира изложба од пристигнатите архитектонски дела. Самата зграда е предвидено да се гради по пат на јавно – приватно партнерство, за што е оставена можноста да се обезбеди дополнителен простор за деловни намени во рамките на објектот. Ако нема заинтересиран инвеститор од приватниот сектор, државата сама ќе продолжи со реализација на замислениот проект.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk