Претходна статија
Догодина ќе се крои проект и за нов ТИРЗ во Охрид
Следна статија
Град Скопје годинава изградил 14,6 km нови велосипедски патеки

Ќе се уредува просторот од плоштад „Македонија“ кај неизградените Шпански скали

Објавено на 25.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градот Скопје планира да инвестира во партерно уредување на просторот од плоштадот „Македонија“, на местото околу кое требаше да се градат Шпанските скали. Веќе е распишан тендер за изработка на проект за инфраструктура и основен проект, врз чија основа ќе се уредува јавниот пешачки простор од плоштад „Македонија“ до Градскиот трговски центар и до некогашната зграда на „Пелагонија“ и Триумфалната порта. За проектната документација е проценето дека ќе се издвојат околу 1.000.000 денари, додека проектантот што ќе работи на оваа задача ќе се дознае на почетокот од јануари 2019 година.

 

 

Овој пешачки простор во иднина е предвидено да се поплочи, да се постави ново електрично осветлување, да се оформи зелена површина, да се постават клупи за седење и корпи за отпадоци. „Завршната обработка на партерот е предвидено да се изработи во склад со околните реализирани партерни површини. Да се користат современи материјали кои ќе го оплеменат просторот и ќе понудат функционално – естетски вредности“, се наведува во тендерската документација на Град Скопје објавена на Електронскиот систем за јавни набавки.

 

Врз основа на објавената визуелизација на Градот Скопје, партерното уредување на овој јавен простор нема да ја опфати парцелата на која требаше да се гради „барокен“ објект со Шпански скали од страна на албанската фирма „Амадеус“. Идната обнова на овој сегмент од плоштадот „Македонија“ ќе се изврши во согласност со важечкиот ДУП „Мал Ринг“.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk