Претходна статија
Инвеститорот на хотелот во Лагадин вели дека постапува легално
Следна статија
Несоодветна реакција на оштетувањата на Галеријата на икони во Музејот на Македонија

Ќе се прави ревизија на договорот за изградба на Клиничкиот центар во Скопје

Објавено на 27.06.2017 во категорија Вести.

 

Македонската влада на денешната седница донесе одлука за спроведување на ревизија на неодамна склучениот договор за изградба на новиот Клинички центар во Скопје. Централната власт го задолжи министерот за здравство Арбен Таравари да изготви информација со сите детали околу изведбата на идниот здравствен објект. Од владата ќе ги почекаат деталните информации од Министерството за здравство. Меѓу точките кои се спорни за новата влада се и финалната вредност на градежните работи и бројот на клиниките што треба да се градат.

 

 

Од извршната власт посочуваат дека цената на новиот Клинички центар во Скопје пораснала во два наврати, за финалниот договор да ја достигне сумата од над 80 милиони евра. Претходниот министер за здравство Никола Тодоров го потпиша договорот за изградба на објектот со италијанско-македонскиот конзорциум, во кој влегуваат „Инсо системи“ од Италија, „Бетон“ од Скопје и „Гранит“ од Скопје. Градежните работи треба да се завршат во рок од 45 месеци, иако на терен не е започната изградбата.

 

Владејачките социјалдемократи во неколку наврати во изминатиов период ја критикуваа изградбата на новиот Клинички центар во Скопје. Првиот спорен момент околу реализацијата на тендерот беше спровената постапка, во која сите пријавени компании доставија понуди кои беа повисоки и над 20 милиони евра во однос на предвидената вредност на објектот. Наместо да го поништи договорот, претходното владино раководство ја продолжи реализацијата на тендерската постапка. Од СДСМ ја обвинија претходната влада дека не го исполнила ветувањето за изградба на новиот објект на Клиничкиот центар во Скопје во предвидениот рок од јануари 2017 година.