Претходна статија
Со јапонска помош ќе се реконструираат училишта и болници низ земјава
Следна статија
Ќе се изготвува проект за ентериер за идниот објект Театар и библиотека - Тетово

Ќе се изготви физибилити студија и идеен проект за скопскиот булевар „Никола Карев“

Објавено на 13.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Скопските градски власти го публикуваа огласот за избор на компанија што ќе изготви физибилити студија и идеен проект за булеварот „Никола Карев“, на потегот од раскрсницата со булевар „Словенечка“ до скопската обиколница. „Потребно е да се изгради брзата магистрала бул. Никола Карев во оптимален попречен пресек со можност нејзината надоградба после определен временски период да биде согласно ГУП 2012-2022“ се нагласува во тендерската документација. Иако беа доставени прашања, од Градот Скопје во текот на вчерашниот ден не беа расположени за да дадат дополнителни информации за овој проект.

 

*Изминативе години со крпеници се решаваше сообраќајниот метеж на влезот во Скопје; Фото: Град Скопје.

 

Влезот и излезот во Скопје во правец кон Косово е предмет на решавање и во претстојниот идеен проект, којшто би се изготвил во две варијанти – варијанта со полн габарит и варијанта со намален габарит. Од Градот Скопје проценуваат дека физибилити студијата и идејниот проект за булевар „Никола Карев“ ќе чинат околу 1,2 милиони денари. Пред да се избере најповолен понудувач, фирмите имаат рок до 19 март за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. Како што се наведува во огласот, рокот за изработка на физибилити студијата е 80 работни дена од воведувањето во работа на најповолниот понудувач.

 

Градот Скопје минатата година објави оглас за изработка на физибилити студија и инфраструктурен проект за изградба на нова клучка кај Момин Поток, со што би се надминало тесното сообраќајно грло во овој дел на Скопје. Сепак, крајниот резултат од оваа тендерска постапка не е познат до денешен ден. Во меѓувреме, влезот во Скопје кај Момин Поток останува да биде една од главните точки на сообраќаен метеж во главниот град. Итното наоѓање на сообраќајно решение за овој проблем ќе биде значајно не само за планираното автопатско поврзување со Косово, туку и за најавената изградба на Универзитетскиот клинички центар во Бардовци.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk