Претходна статија
Ќе се реконструираат две улици во населбата Лисиче
Следна статија
Акцелераторите ќе бидат инсталирани во Клиничките болници во Штип и Битола

Ќе се гради ли нешто кај бараката на Заводот за урбанизам и архитектура?

Објавено на 23.07.2017 во категорија Вести.

 

И по цели три месеци од настанот, нема информации за причинителот на пожарот во кој изгоре бараката на Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје во скопската населба Тафталиџе. Од Министерството за внатрешни работи до денешен ден немаат излезено со официјални информации околу причините на катастрофалниот пожар, во кој изгоре значајна документација за пост-земјотресниот развој на Скопје. На местото на настанот може и понатаму да се најдат расфрлани листови од некогашни проекти, заедно со останатите отпадоци на овој празен простор.

 

 

Но, екот на летните одмори носи многу новини за оваа атрактивна локација во населбата Тафталиџе. Целокупниот простор околу уништената барака е ограден, додека изгорената документација е однесена во непознат правец. До некогашните бараки не може да пристапи, бидејќи на ова место е поставена импровизирана врата заклучена со катанец. На локацијата не е поставена никаква информативна табла за тоа дали и што ќе се гради на местото на изгорената барака на Заводот за урбанизам и архитектура. Локацијата нема обезбедување, па не можевме ниту да прашаме за тоа што се случува на ова место.

 

 

Во согласност со актуелниот урбанистички план, на оваа локација е предвидено да никне нов објект. Општина Карпош го усвои ДУП-от за Градска четврт 3 06 за време на новогодишните празници во 2016 година.

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk