Претходна статија
„Чакар-Партнерс“ ќе го подготви основниот проект за Јужен булевар
Следна статија
Новиот скопски забавен парк налик на „Скопје 2014“

Каква документација од пост-земјотресно Скопје изгоре во пожарот во Заводот за урбанизам и архитектура?

Објавено на 21.04.2017 во категорија Вести.

 

Бараките на Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје изгореа до темел во катастрофалниот пожар на 21.04.2017. Заедно со причината за пожарот, клучното прашање што треба да се одговори е каква документација изгоре во седиштето на институцијата што беше одговорна за пост-земјотресната обнова на Скопје. Веднаш по земјотресот, Заводот за урбанизам и архитектура е организатор и носител на работата за изработка на Мастер планот за Градот Скопје, Деталниот урбанистички план за центарот на Скопје, но и регионалната планска документација за Скопскиот регион.

 

Противпожарните екипи до овој момент не излегоа со детални информации за тоа што е уништено во пожарот, ниту пак објаснија како истиот настанал. Урбанистката Леонора Грчева во изјава за „Фокус“ тврди дека најголемата колекција и материјална меморија за пост-земјотресната обнова на Скопје е во сопственост на Заводот за урбанизам и архитектура. „Ова значи дека во просториите на ЗУАС сè уште се наоѓаа(т) оригиналните модели за централно Скопје од Танге, конкурсните материјали, архивите и студиите поврзани со генералниот план за градот, купишта оригинални цртежи и скици“ вели таа.

 

Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје во моментов се наоѓа во стечај, а неговите бараки веќе неколку години наназад се напуштени. Објектот е исклучен од електричната и водоводната мрежа.