Претходна статија
Започна реконструкцијата на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани
Следна статија
Распишан оглас за изработка на проект за уредување на локалитетот Крст во Кучково

Избран идеен проект за најавената градска болница во Аеродром

Објавено на 08.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерството за здравство го избра победничкиот идеен проект по кој ќе се гради идната градска болница на местото на постојниот Мајчин дом во скопската населба Аеродром. На архитектонскиот Конкурс биле доставени вкупно шест проекти од архитектонската фела, се наведува во објавените податоци на Електронскиот систем за јавни набавки. Првата награда во износ од 307.475 денари ја доби доставениот идеен проект под шифрата А22.

 

 

Тричленото жири, во состав Иван Спировски, Веселинка Герасимова Петровска и Љупчо Балкоски, доделило и две втори награди со поединечен награден износ од 122.990 денари, како и авторски надоместок за трета награда во висина од 61.495 денари. Министерството за здравство засега не ги објавува имињата на авторите кои се стекнаа со архитектонските награди.

 

Новата градска болница во населбата Аеродром е предвидено да има бруто развиена површина од 18.640 метри квадратни и да се простира на приземје и 4 ката. Здравственото здание ќе се гради на градежна парцела со површина од 7.668 метри квадратни. Во овој објект треба да се пресели Болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, која е сместена во објект изграден во 30 – тите години од минатиот век.

 

Идната инвестиција ќе претставува прв поголем и позначаен здравствен објект изграден на територијата на Општина Аеродром, но и воопшто во источниот дел на главниот град. Новата градска болница би имала осум хируршки сали и во неа ќе може да се сместат 240 пациенти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk