Претходна статија
Првата приватна ветерна електрана ќе се гради во Свети Николе
Следна статија
„Жикол“ ќе го доградува водоводот во Желино

Италијанската „Tirrena Scavi“ ќе го гради експресниот пат Ранковце – Крива Паланка

Објавено на 29.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Новата патна врска меѓу Македонија и Бугарија би била завршена за три до четири години. Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов денеска изјави дека непречено се одвиваат подготвителните активности околу изградбата на експресниот пат кон граничниот премин Деве Баир. Меѓународниот тендер за изградба на делницата од Ранковце до Крива Паланка е завршен, а изведувач на оваа траса ќе биде италијанската фирма „Tirrena Scavi“. Почетокот на градежните работи би следувал во претстојниот период.

 

 

Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка е со предвидена должина од 26 километри. На оваа траса е предвидено да се изградат 22 моста, 9 натпатници, 13 пропусти и 2 клучки. Идниот експресен пат ќе има променлива ширина од 11,4 до 12,5 метри, а коловозот ќе се состои од две ленти за сообраќај и две ленти за застанување. За овој патен правец беше подигнат кредит од Светската банка во висина од 83 милиони евра уште во октомври 2015 година.

 

Паралелно со изградбата на новиот експресен пат меѓу Куманово и Крива Паланка, во наредниот период треба да стартува и реконструкцијата на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Проектната документација за оваа траса во должина од 13,5 километри беше изработена од фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др.“ од Скопје.

 

Европската банка за обнова и развој уште во октомври 2017 година потврди дека на ЈП за државни патишта ќе му биде доделен заем во висина од 12 милиони евра за реконструкција на овој патен правец. Вкупната вредност на проектот за рехабилитација на делницата Крива Паланка – Деве Баир изнесува 16,4 милиони евра, при што преостанатите средства ќе треба да ги обезбеди македонската влада.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk