Претходна статија
Над 6,4 милијарди денари догодина за инвестиции во инфраструктурата и транспортот
Следна статија
Ќе се бара приватен партнер за работењето на ПЕТ Центарот

ИНТЕРВЈУ со Даница Павловска: Модернистичките објекти од Скопје да се стават под режим на заштита

Објавено на 23.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Повод за разговор со архитектката – планерка Даница Павловска – Циги е понесувањето на овогодинешната Награда „13 Ноември“ од областа на архитектурата. Во борбата против деградирањето на центарот на Скопје, Даница Павловска низ годините се појави во неколку својства. Во екот на презентацијата на видеото за „Скопје 2014“, Даница Павловска беше претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Таа испрати отворено писмо до нарачателот и творците на „Скопје 2014“ и во своите јавни настапи го предвиде потсмевот во очите на меѓународната јавност и урбанистичкиот хаос со кој самите ќе се соочиме под налетот на „Скопје 2014“. Неколку години подоцна, Даница Павловска беше иницијаторка на првото гушкање на Градскиот трговски центар пред налетот на барокизацијата, а подоцна беше еден од главните иницијатори на Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Од Даница Павловска побаравме да ги сподели со „Билд“ нејзините размислувања за неколку важни прашања што го тиштат Скопје денес. 

 

 

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје е востановена во 1955 година и до денешен ден во областа на архитектурата и градежништвото неа ја добиле бројни професионални бардови, меѓу кои се и Славко Брезоски, Алфред Рот, Александар Никуљски, Благоја Колев. Какво е чувството да се биде во оваа низа на добитници на Наградата „13 Ноември“?

 

Наградата како општествено признание и како влез во низата на почитувани личности ми значи, пред сè, голема чест. Таа означува забележана посветеност кон зачувување на вредностите на градот, препознавање на професијата на која страсно ѝ припаѓам во едно друго, поинакво светло. Во градот кој го живеам, ми значи и радост, и мотивација, и поттик и обврска…

 

 

Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“, во образложението на доделената награда, за вас споменува дека заслугата за стекнувањето на наградата е за долгогодишната посветеност за зачувувањето на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирањето и управувањето со просторот. Која од бројните активности што ги организиравте и учествувавте во нив има оставено траен белег во вашите сеќавања?

 

Секако, тоа е Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ која проникна од реакција на професионалната свест обединета со силниот емотивен набој на граѓаните. Ако размислам малку, отпорот кон „Скопје 2014“ беше и е нешто што остави повеќе од белег, остава тешка лузна во моето постоење. Сè уште не ми е јасно како можеше пред толку голем зафат да бидеме толку немоќни.

 

 

 

Една и пол година по бурните промени во општествено – политичкиот живот во Македонија се говори и се издава многу за модернистичката архитектура во Скопје од втората половина на дваесеттиот век. Кои следни чекори би требало да се преземат од државните институции и локалните власти во насока на обезбедување соодветна грижа за модернистичкото наследство?

 

Едноставно е. Потребно е прогласување или репрогласување на заштита на одредени објекти кои ќе бидат вреднувани како уникатни примери на Модерната. Притоа, секако се одредува режимот на заштита, субјектот кој ќе се грижи за нив – ќе ја менаџира, со еден збор, нашата Модерна и ќе обезбеди одржливост.

 

 

Државното раководство со прекинот на „Скопје 2014“ ги остави на мира модернистичките градби во Скопје, но приватниот капитал се чини дека ја презеде улогата за уништување на вредното архитектонско наследство. Јавноста реагира, но кои мерки е неопходно да се преземат за да се спречи рушењето на ваквите градби во наредниот период?

 

Познато е дека постојат научни трудови на оваа тема, па преку нив се доаѓа до доволна аргументација за постапките на заштита која подразбира дисциплинирано однесување во градењето на политиките во градењето. Профитот како основен критериум мора да се отфрли, а вредносниот систем да се измени преку реформа во просторно – урбанистичкиот систем со сет нови закони.

 

 

Градот Скопје се одлучи да изработи проект за изградба на зелен кров на покривот на Градскиот трговски центар. Како го оценувате ваквиот потег на градските власти?

 

Информацијата само што ја слушнав и го немам видено проектот. Знам дека постои предлог од порано за активирање на „Петата фасада“, што со обновата на објектот може да го дополни авторовиот концепт, а најновите мои информации се за идејата за оззеленување и анимација на покривот, што секако, не исклучува и негова инфраструктурна консолидација со нови технолошки решенија и досегнување нови стандарди. За темата „ГТЦ“ може да се развие долга елаборација на повеќе аспекти како: неговиот правен третман, статусот како градителско културно наследство, режимот на заштитата, негување на неговата автентичност со одмерена иновација, неговото одговорно менаџирање со осет за неговите атрибути, референци и неговата уникатност.

Разбирајќи го конститутивниот потенцијал и капацитет на ГТЦ како современ урбан предел, и пред сè, како медиум за организирање на побогато јавно живеење, тезата воспоставување квалитетна нова состојба – нова, а стара „приказна“, е исчекорување кон бараниот и очекуваниот континуитет во неговото живеење.

 

 

Какво Скопје би сакале да видите од урбанистички, од архитектонски и од севкупен аспект по 10 години од денес?

 

Длабоко верувам во духот на градот а би сакала за 10 години во него да живеат среќни луѓе. Квалитетното обликување на просторот подразбира обликување на животот на неговите корисници, но потребно е и исполнување на уште многу, многу други услови. Убаво би било да е урбанистички подисциплиниран како заедница и да досегне некои повисоки архитектонски нивоа заради заслужената колективна естетика. Инаку, секако препорачувам изготвување на нови стратешки планови. Тоа што е сигурно: неговата иднина е наша заедничка одговорност.

 

 

Кои професионални активности планирате да ги преземете во наредниот период во функција на заштита на модернистичкото архитектонско наследство на Скопје?

 

Мислам дека мојата иницијатива за рехабилитација на објектот на Владата на РМ – дело на проф. Петар Муличковски би била задача во која би уживале многу архитекти доброволно. Веќе имам ветувања за техничка поддршка на колегите, но тоа не е доволно за овој сензитивен зафат. Деликатна е ситуацијата на рушењето и отклонувањето на фасадната облога, а да не се протолкува како деструктивна, за да добие атрибут на модернизирање на објектот со враќање на неговата есенцијална примарна вредност. Потребна е соодветна подготовка, анкета и кампања.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk