Претходна статија
„Хелас експрес“ почна да сообраќа до Солун, нема најави за промени во новиот возен ред
Следна статија
Одржана работилница „100 идеи за Дебар Маало“

Инспектори ќе ја чешлаат документацијата за Офицерскиот дом и хотелот на плоштад „Македонија“

Објавено на 26.10.2017 во категорија Вести.

 

Новиот градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ денеска издаде усен налог на инспекциските служби за контрола на изградбата на Офицерскиот дом и хотелот на плоштадот „Македонија“. „Од сопственикот и од инвеститорот на Градска куќа со хотелскиот комплекс, која е дел од проектот „Скопје 2014“, побарана е целосната документација. Инспекторите врз основа на констатираната фактичка состојба ќе изготват решенија за натамошните постапки на општината“ информираат од локалната самоуправа. Инспектори на општина Центар се испратени и на две други локации – приватен објект на Скопското кале и приватен објект што се гради позади старата „Томче софка“.

 

 

Сепак, најзанимлив ќе биде исходот од инспекциската контрола на изградбата на Офицерскиот дом и хотелот на плоштадот „Македонија“. Инвеститор на овој објект е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој во летото 2015 година стана сопственик на фирмата-инвеститор во овие згради. Тој ја презеде оваа фирма од грчкиот милијардер Деметрис Кондоминас, кој го купи земјиштето на плоштадот „Македонија“ во 2011 година. 

 

И по повеќе од шест години од купопродажбата на земјиштето, Градот Скопје не е вселен во новиот Офицерски дом. Во објектот треба да се смести градската матична служба, која во моментов ги одржува свадбените церемонии во Музејот на ВМРО. Тука исто така треба да биде сместен и резиденцијалниот дел на Град Скопје, каде што во иднина би се одржувале официјалните приеми на делегациите. Како што стојат работите на терен, надворешното обликување на Офицерскиот дом до денешен ден не е завршено, а дополнително ќе треба да следи ентериерното уредување на објектот. Конструкцијата на новиот хотел  е издигната единствено на првите неколку ката.

 

 

Форумски дискусии:

» Офицерски дом

» Хотел