Претходна статија
Со 12 милиони денари ќе се реконструираат три училишта во Струга, Велес и Муртино
Следна статија
Зголемена бројката на нови станови за градење на почетокот од 2017 година

ИН МЕМОРИАМ: Почина архитект Славко Брезоски

Објавено на 08.03.2017 во категорија Вести.

 

На 94-годишна возраст, вчера во Скопје почина големиот македонски архитект Славко Брезоски. Во својата врвна професионална кариера, архитект Брезоски остави траен белег во развојот на македонскиот главен град. Меѓу најзначајните архитектонски дела остварени за идните генерации можат да се вбројат: Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ (Скопје), Стоковна куќа „Нама“ (Скопје), седиште на Комунална банка (Скопје), Работнички дом (Скопје) и многу други зданија.

 


*Архитект Славко Брезоски, фото: Невена Брезоска

 

Архитект Славко Брезоски оддава исклучителен придонес за развојот на главниот град по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Поаѓајќи од неговата врвна компетентност, заедно со проектантскиот тим на „Македонија проект“, тој е еден од осумтемина повикани автори да учествуваат на Меѓународниот конкурс за изработка на Урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје во 1965 година. Архитект Славко Брезоски дава несебичен придонес во постземјотресната обнова на Скопје. Стекнувајќи се со непроценливата задача да го уреди просторот долж улицата „Македонија“ по земјотресот, овој професионалец заедно со тимот на „Македонија проект“ има значајна улога во обликувањето на централното градско подрачје.

 


* Стоковна куќа „Нама“, Скопје

 

Архитект Славко Брезоски е роден во 1922 година во Галичник. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Белград во 1950 година, под менторство на професорот Милан Злоковиќ (автор на објектот „Метропол“ на плоштадот „Македонија“). Тој припаѓа на првата повоена генерација на македонски архитекти. Работел како професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Во педесеттите години на дваесеттиот век, архитект Брезоски се приклучува кон Групата Денес заедно со култните македонски архитекти и уметници: Димче Протуѓер, Борко Лазески, Љубомир Белогаски, Ристо Лозаноски, Давид Бафети, Јанко Константинов, Ристо Шеќерински и Јордан Грабулоски.


* Комунална банка, Скопје

 

За архитектонското творештво на Славко Брезоски се испишани бројни трудови во домашни и во меѓународни стручни списанија. Добитник е на неколку архитектонски награди, а една од најзначајните е конкурсот за избор на архитектонски труд за Амбасадата на СФРЈ во Бразилија. Во конкуренција на девет реномирани југословенски тимови, вклучувајќи го и словенечкиот архитект Едвард Равникар, архитект Славко Брезоски ја освојува првата награда. Во рамките на проектот „Скопје 2014“, архитект Славко Брезоски јавно се спротивстави на менувањето на фасадата на едно од неговите најпознати авторски дела – стоковната куќа „Нама“ на плоштадот „Македонија“.