Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Неокласицистичката палата „Лазар Поп Трајков“ ги чека административците
Следна статија
Општина Аеродром почнува проект за обнова на фасадите

И во јуни огромен раст на бројот издадени одобренија за градење на станови

Објавено на 15.08.2016 во категорија Вести.

За четири пати е зголемен бројот на издадени одобренија за градење на станови во текот на јуни годинава. Според податоците на Државниот завод за статистика, во шестиот месец била предвидена изградба на 857 станови, со вкупна корисна површина од 63.032 метри квадратни. Споредено со истиот период лани, за тројно е поголема и површината на зацртаните живеалишта што допрва ќе се градат. Деловните субјекти ја започнале постапката за изградба на 603 станови со површина од 37.461 метри квадратни, додека останатите домови ќе ги градат физички лица.

 

 

 

Статистичарите пресметале дека инвеститорите се најзаинтересирани за изведба на трисобни (308) и двособни станови (288). Идентично како и во изминатиов период, скопскиот регион со 616 предвидени станови за градење го привлекува вниманието за вложување во овој вид недвижности. Најмногу градежни дозволи за изведба на нови станови издала општина Аеродром, каде ќе се градат вкупно 208 станови. По неа, следуваат општина Карпош со 180 и Ѓорче Петров со 131 станбени единици.

 

Врз основа на месечниот извештај, Државниот завод за статистика пресметал дека во јуни 2016 година биле издадени 274 одобренија за градење, што е 47,3% повеќе во однос на истиот период лани. Според издадените градежни дозволи, предвидената вредност на објектите изнесува 4.405.372.000 денари (71,6 милиони евра), што е за 52,9% повеќе во однос на истиот период од претходната година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 174 (63,5%) се наменети за објекти од високоградба, 30 (10,9%) за објекти од нискоградба и 70 (25,6%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 274 објекти, на 169 (61,7%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (38,3%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk