Претходна статија
До есенва ќе биде завршена пешачката патека кон Билјанини извори
Следна статија
Македонија трета година по ред нема изградено нов енергетски капацитет!

И по пет години од почетокот на изградбата, Карпош нема општинска зграда

Објавено на 10.08.2017 во категорија Вести.

 

И покрај последните најави дека објектот ќе биде готов до мај, новата општинска зграда во Карпош не е пуштена во употреба до денешен ден. Административниот објект во скопската населба Карпош 3 се гради веќе пет години наназад, а општинската администрација во неколку наврати ги пробива роковите за изведба на зградата. Првичната најава од 2012 година беше дека целокупниот проект ќе биде завршен за осум месеци. Но, градежните активности до денешен ден веќе неколку пати ги пробиваат крајните рокови. Последното ветување на општинските власти од минатиот декември беше дека административните простории ќе бидат завршени до мај годинава.

 

*И по пет години, административната зграда на Карпош останува градилиште со ограден простор

 

На градилиштето денеска може да се забележи дека се одвиваат помали градежни активности. Фасадата на зградата е речиси завршена, но ентериерното уредување на објектот не е комплетирано во целост. Во изминативе пет години, Општина Карпош промени неколку изведувачи на градежните работи. Како последен изведувач, на почетокот од 2016 година е избрана фирмата „Аполо Инженеринг“ од скопското село Шишево. Тогашниот договор беше потпишан со времетраење од 12 месеци.

 

*Првичниот изглед на објектот од проектната документација што им беше ветен на граѓаните на Карпош

 

Општинската зграда во Карпош треба да го реши долгогодишниот проблем со сместување на локалната администрација на еден од најурбанизираните делови на Скопје. Административците во моментов се сместени во привремени бараки во населбата Карпош 3, додека седниците на Советот на општина Карпош се одржуваат во амфитеатрите на Технолошко-металуршкиот факултет. Новиот објект е со приземје, три ката и поткровје. Со проектот треба да се обезбеди канцелариски простор за 200 вработени, како и паркинг простор со површина од околу 1.000 метри квадратни.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk