Претходна статија
„Макпетрол“ отвори бензинска станица во тетовско Желино
Следна статија
Повеќе сме патувале со автобус на почетокот од 2017 година

И од Европа стигнува поддршка за зачувување на Студенчишкото блато во Охрид

Објавено на 18.05.2017 во категорија Вести.

 

Студенчишкото блато во Охрид треба да се заштити и конзервира, а не да се гради луксузна населба на негово место. Претседателот на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми д-р Јос Ферхуфен денеска престојуваше во Охрид и го посети овој локалитет. Тој посочи дека е исклучително важно да се заштити сето она што останало од некогашниот голем екосистем, нагласувајќи дека при неговата последна посета од пред четири децении немало никаква патека што физички ги одвојува езерото и Студенчишкото блато.

 

 

„Сметам дека владините проекти кои се планираат на овој простор ќе го уништат целосно блатото, но тие можат да се реализираат на друго место без да се уништува блатото. Ова е последното блато кое останало на Охридското езеро. Слушам дека државата сака да заштити само пет хектари од него што не е доволно и тоа сигурно ќе значи негово целосно исчезнување во иднина“ истакна Јос Ферхуфен. Тој дополни дека од исклучителна важност е целокупниот локалитет да се ревитализира.

 

Посетата на д-р Јос Ферхуфен доаѓа само неколку недели по одлуката на Општина Охрид во последните измени на Генералниот урбанистички план на Охрид да ја исфрли идејата за изградба на елитна населба на местото на Студенчишко блато. Притисокот од граѓанските иницијативи и од еколошките организации беше клучен за донесената одлука на општинарите, иако од невладиниот сектор најавуваат дека и понатаму ќе ги следат чекорите преземени од државата и од Општина Охрид.