Претходна статија
Ќе се санираат ѕидните платна на Долни Сарај во Охрид
Следна статија
Се подобрува финансиската состојба на градежните компании

Хотели и викенд – куќи ќе се градат во СРЦ Пониква

Објавено на 08.05.2013 во категорија Вести.

Натамошниот развој на спортско – рекреативниот центар Пониква добива централно внимание од локалната самоуправа на Кочани. Општината понуди на продажба државно градежно земјиште меѓу кое се и две локации за изградба на хотели и десет локации за подигање на викенд – куќи во скијачкиот центар на Осоговските планини. Градежните парцели за изградба на хотели се со површина од 1.625 и 1.932 метри квадратни и се нудат по почетна цена од 61 денар за метар квадратен. Парцелите за викенд – куќи се со големина од 283 до 567 метри квадратни и нивната почетна цена исто така изнесува 61 денар за метар квадратен.

 

Електронското јавно наддавање за парцелите наменети за изградба на викенд – куќи е закажано за 3 јуни, додека земјиштето за хотели ќе се продава на 10 јуни. Потенцијалните инвеститори треба да достават пријави за учество најдоцна до 27 мај и 5 јуни. Покрај атрактивните локации на Пониква, локалната власт од Кочани нуди на продажба и пет парцели за изградба на индустриски објекти од областа на лесната индустрија и малото стопанство во месноста „Драчевик“ и 12 парцели за подигање на индивидуални куќи на повеќе места на територијата на општината. Вкупната површина на понуденото земјиште за продажба изнесува 20.160 метри квадратни, при што минималниот приход на локалната власт од неговото отуѓување е проектиран на 1.229.760 денари.