Претходна статија
Предавање на Давид Столеру на Архитектонскиот факултет при УКИМ
Следна статија
Инспектори ќе ја чешлаат документацијата за Офицерскиот дом и хотелот на плоштад „Македонија“

„Хелас експрес“ почна да сообраќа до Солун, нема најави за промени во новиот возен ред

Објавено на 26.10.2017 во категорија Вести.

 

Меѓународниот експресен воз „Хелас експрес“ од пред неколку дена започна да сообраќа до Солун како крајна дестинација на оваа релација. Грчката државна железница ја заврши реконструкцијата на железничката пруга на нејзината територија, а со тоа е укинат и автобускиот превоз на релацијата Гевгелија-Солун-Гевгелија, информираат од Македонски железници-Транспорт. Овој меѓународен воз од Скопје до Белград и Солун е предвидено да сообраќа и со новиот возен ред за 2018 година, којшто треба да стапи на сила на 10 декември годинава.

 

*Меѓународниот воз „Хелас експрес“ во Демир Капија

 

Сепак, првичните неофицијални информации за новиот возен ред на меѓународните линии не ветуваат нови меѓународни возови за догодина на македонските пруги. Минатата година беше укинат утринскиот експресен воз меѓу Скопје и Белград, кој најверојатно нема да сообраќа ниту наредната година. Причина за ваквиот потег е хроничниот недостаток на патнички вагони кај државното претпријатие „Србија воз“. Засега нема најави за укинување на брзиот воз меѓу Скопје и Приштина, иако Косовските железници „Траинкос“ годинава се соочија со сериозни проблеми во одржувањето на возниот ред.

 

Покрај двата меѓународни воза за Белград, Солун и Приштина, со новиот возен ред за 2018 година ќе може да се патува со воз кон неколку меѓународни дестинации од железничката станица во Белград. Со менување на воз во Белград, од Скопје ќе може да се патува за Загреб, Љубљана и Будимпешта. Намалувањето на цената за железничките карти ќе остане и за догодина, па така повратниот билет од Скопје до Белград ќе чини само 1.709 денари.

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk